Сигурно досега ве предупредиле дека треба да внимавате црна мачка да не ви го пресече патот, да не поминувате под скала и да не кршите огледала, особено не денеска, на петок 13-ти.
Овој ден, наводно е еден од најнесреќните денови во годината. Можеби сте суеверни, можеби не, но сепак не ги правете овие работи денеска, за секој случај, и сигурни сме дека нема да ви се случи ништо лошо:
- Не преминувајте улица без да погледнете лево и десно, по можност на пешачки премин, чекајте зелено светло, а ако сте зад воланот не заборавајте да пропуштате пешаци.
- Не го „позајмувајте“ сендвичот на колешката од фрижидерот на работа или кафето на колегата од фиока.
- Не влегувајте во локалната пекара намрштени, лошо расположени и без насмевка. Поздравете ја вработената и посакајте ѝ убав ден.
- Не возете со телефонот во рака. Посебно не во десна.
- Не се расправајте од сабајле со партнерот/партнерката, цимерот/цимерката. Не излегувајте од дома додека не си посакате убав ден.
- Не држете лутина. Не заборавајте, од утре е викенд, опуштете се.
- Не дремете на социјални мрежи, фатете се за работа. Не излегувајте од канцеларија додека не ги завршите сите обврски за оваа недела.