Вулканот Килауеа, еден од најактивните во светот, повторно исфрла лава, но засега само од главниот кратер. Нема опасност и закани за населението, соопштија властите во Хаваи.
„Вулканот исфрла лава до висина на петкатница“, објави на Twitter Американскиот геофизички завод.
Редовните ерупции на вулканот Килауеа привлекуваат туристи уште од 50-тите години на минатиот век. Управата на националниот парк веќе почна да ги мобилизира вработените во очекување на зголемен број гости.
„Се подготвуваме за поголем број посетители во текот на викендот“, изјави Џесика Феракан.
Ерупцијата засега не е закана, но ситуацијата внимателно се следи бидејќи почетокот на ерупцијата е динамичен и неизвесен.
Килауеа е еден од петте вулкани на Хаваи, најголем остров во пацифичкиот архипелаг. Во 2018 година во ерупција беа уништени стотина куќи.