Шефот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, е во Москва од 1 јули, објави францускиот медиум Liberation, повикувајќи се на западни разузнавачки служби. Според извештајот, Пригожин бил задржан во Кремљ и преговарал со Путин за судбината на Вагнер.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска потврди дека Пригожин и Путин се сретнале на 29 јуни. Тој вели дека средбата траела три часа и на неа учествувале 35 лица. „Во тричасовната средба со 35 лица, двајца команданти на единицата Вагнер му кажаа на Путин дека ќе продолжат да се борат за него“, тврди Песков.
„Путин ги покани на состанокот сите команданти на Вагнер и раководството на приватната армија, вклучително и самиот Пригожин. Претседателот ги оцени активностите на Вагнер на бојното поле, а исто така даде и своја проценка за настаните од 24 јуни. Претседателот ги слушаше Вагнерците и им понуди различни можности за вработување“, рече Песков.
Да потсетиме, пред неколку дена белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека Пригожин е во Русија и дека допрва треба да се реши прашањето за преместување на илјадници негови борци во Белорусија.