Реал Мадрид ја затвори финансиската година 2021/2022 со добивка од 13 милиони евра, соопшти шпанскиот клуб.
Во трите финансиски години погодени од пандемијата со COVID-19 Реал успеа да остане профитабилен наспроти мнозинството други клубови кои пријавуваа загуби.
Минатата 2021/2022 сезона Реал ја освои рекордната 14-та титула шампион на Лигата на шампиони на УЕФА откако во финалниот натпревар го победи Ливерпул со 1:0. Воедно, ја освои и шпанската Ла Лига, како и домашниот Суперкуп.
Од клубот соопштија дека салдото на 30 јуни 2022 година, не сметајќи го проектот за реновирање на стадионот „Сантјаго Бернабеу“, изнесува 425 милиони евра, додека загубениот приход поради пандемијата почнувајќи од март 2020 година досега изнесува 400 милиони евра.
„Оперативните приходи за финансиската година 2021/2022 достигнаа 722 милиона евра, што е зголемување за 69 милиони евра (10%) во однос на претходната година бидејќи економските ефекти од пандемијата постепено се намалуваат“, стои во клупското соопштение.
Меѓутоа, напоменато е и дека приходите сѐ уште се под влијание на пандемијата.
Нето долгот на клубот, вклучително и проектот за реконструкција на стадионот, достигнал вредност од 263 милиони евра на ден 30 јуни 2022 година, исто така стои во објавата.