Британскиот бизнисмен Ричард Бренсон тврди дека ракетата на неговата компанија Virgin Galactic е подготвена за првиот лет, па затоа тој сака да отпатува во вселената во наредните пет месеци.
Бренсон сака да отпатува во вселената и со тоа да ја одбележи 50-годишнината од првото слетување на Месечината, кое се случи на 20 јули 1969 година.
„Мојата желба е да одлетам во вселената на 50-годишнината од допирањето на тлото на Месечината. Напорно работиме на тоа“, рече Бренсон на настан кој се одржа неодамна во Вашингтон.
Амбициозноста на Ричард Бренсон не престана уште од првиот ден откако ја основаше компанијата Virgin Galactic. Овој 69-годишник рече дека неговата цел е „да има тело на триесетгодишник“ пред да полета кон вселената, и поради тоа напорно тренира за неговата авантура.
Најголемата конкуренција на Ричард Бренсон се двајца од најголемите бизнис-умови на денешницата, кои имаат сопствени компании за истражување на вселената. Елон Маск со неговата Space X и Џеф Безос со Blue Origin имаат иста цел како и Бренсон – да испратат патник во вселената.
Минатата година Virgin Galactic успешно лансираше летало во вселената, за првпат во историјата на оваа компанија. Леталото VSS Unity леташе до работ на вселената, а потоа безбедно слета во пустината Мохаве.
Повеќе од 600 луѓе платија или дадоа депозити за лет со леталото на Virgin Galactic, а меѓу нив се и актерот Леонардо Дикаприо и пејачот Џастин Бибер. Летот од час и половина чини 250.000 долари.