Во средата вечерта Русија стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикуваат земјите да спречат трка во вооружување во вселената.
За предлогот на Соединетите Американски Држави и Јапонија гласаа 13 членки, а против беше само Русија; Кина се воздржа од гласање.
Гласањето дојде откако Вашингтон ја обвини Москва дека развива нуклеарно оружје базирано на вселената, дизајнирано да уништува непријателски сателити, што Русија го негираше. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва се противи на поставување нуклеарно оружје во вселената.
„Денешното вето го поставува прашањето: Зошто? Зошто, ако ги почитувате правилата, не поддржувате резолуција што ги потврдува? Што би можеле да криете?“, одговори американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд по гласањето.
Рускиот амбасадор во Обединетите нации, Василиј Небензја, го обвини Вашингтон дека се обидува да ја оцрни Москва и рече дека Русија наскоро ќе започне преговори со членовите на Советот за сопствената нацрт-резолуција чија цел е зачувување на мирот во вселената.
„Сакаме забрана за ставање какво било оружје во вселената, не само (оружје за масовно уништување). Но, вие не го сакате тоа... Да ве прашам исто: Зошто?“, ѝ одговори Небензја на Томас-Гринфилд.
Текстот на резолуцијата на која е ставено ветото повикува на реафирмирање на обврската за почитување на Договорот за вселената од 1967 година и ги повикува државите „да придонесуваат активно за мирно користење на вселената и за спречување на трка во вооружување во вселената“.
Договорот за вселената им забранува на потписниците - вклучувајќи ги Русија и САД - да ставаат „во орбитата на Земјата какви било објекти што носат нуклеарно оружје или друго оружје за масовно уништување“.