Град на истокот на Шпанија со 6.000 жители ќе забрани истакнување на знамето на ЛГБТИК заедницата на јавните згради, откако на власт во тој град дојде крајно десничарската партија Вокс по неодамнешните локални избори.

Вокс освои најмногу гласови во Накера, која се наоѓа на 30 километри северно од Валенсија, но локалниот партиски лидер Иван Експозито мораше да се договори со конзервативната Народна партија (PP) за да стане градоначалник бидејќи партијата немаше супермнозинство во градското собрание.
Договорот меѓу двете партии, објавен на локалната Facebook страница на Вокс во понеделникот, предвидува договор за низа политики што владата треба да ги спроведе во текот на четиригодишниот мандат.
Петнаесеттата точка од договорот е забраната за истакнување на ЛГБТИК знамето на јавните објекти.
Договорот, исто така, содржи ветување за намалување на даноците и бирократијата, замрзнување на средствата за сепаратистички или прокаталонски организации и преименување на кампањите против „родовото насилство“ во „кампањи против секое насилство“.
Предвремените парламентарни избори ќе се одржат во Шпанија на 23 јули, а договорот меѓу PP и Вокс во Накера, како и слични договори во други градови низ земјата, укажуваат на поместување надесно на најголемата конзервативна партија, PP, за прашања како што се правата на ЛГБТИК, феминизмот, миграцијата или регионализмот, кои се дел од „културната војна“, а се во фокусот на Вокс.
Социјалистичката партија, која беше втора на локалните избори во Накера, протестираше против забраната објавувајќи знаме со виножито на својот профил на Twitter и ги повика жителите да го закачат знамето од своите прозорци, балкони или тераси.