Интервјуто за ново работно место спаѓа меѓу најстресните разговори што некогаш ќе ги имате во вашиот живот и во такви ситуации може да кажеме сѐ и сешто.
Работодавците се главно свесни за тоа и обично нема да ви замерат за некој лапсус или непромислен коментар, но има некои работи што не смеете да ги спомнете на интервјуто за работа и немаат врска со трема или непромисленост.
Напротив, треба да внимавате никако да не се ставите во овие замки.
Експерти од областа на човекови ресурси ги издвоија овие четири работи за кои треба да внимавате на вашето следно интервју за работа или унапредување:
Не го наведувајте перфекционизмот како маана
Со овој стар трик веќе нема никого да импресионирате. Секој работодавец веќе безброј пати од потенцијалните кандидати ја слушнал оваа „маана“ што всушност е предност, па имајте на ум дека ако ја претставите така нема никого да импресионирате. Затоа, како и за другите работи во животот, најмногу ќе ви се исплати да бидете искрени. Тоа значи дека ако навистина сте перфекционист, ќе го наведете тоа како предност во вашето работење, а ќе ја кажете вашата вистинска маана, на пример дека не работите добро под притисок или дека ви треба повеќе време да се подготвите за задача.
Не го оговарајте претходниот шеф
Ако на претходното работно место сте имале ужасен шеф, интервјуто за новата работа не е место каде треба да го истурите вашиот гнев. Воздржете се од нагоните да кажете колку лошо сте биле третирани, бидејќи тоа нема да го импресионира потенцијалниот шеф. Во случај нешто да ви излета или споредбата е неминовна со цел да илустрирате пример, секогаш балансирајте го негативното и со позитивен пример. Исто така, оговарањето на кого било остава лош впечаток, нели?
Немојте да кажувате дека тоа ви е единствената опција
Дури и да е така, не мора да му нагласувате на потенцијалниот работодавец дека ова ви е единствената шанса за вработување. Знаеме дека претходно ве советувавме секогаш да бидете искрени, но не мора да кажувате нешто што не сте прашани, нели? Оставете впечаток дека имате неколку опции за разгледување, дури и ако не е така.
Не спомнувајте годишен одмор
Сосема е нормално на интервјуто да се зборува за условите на работење и висината на платата, но темата годишен одмор не мора да се спомнува уште на првиот разговор.