Кога Џо Бајден ја презеде функцијата претседател на САД во јануари 2021 година, имаше очекувања од двете страни на Пацификот дека тој ќе се повлече од трговската војна што неговиот претходник ја започна со Кина речиси три години претходно.
Исфрустриран од огромниот трговски суфицит на Кина и обвинувајќи ја за кражба на американската интелектуална сопственост, поранешниот претседател Доналд Трамп во јуни 2018 година воведе царини на кинески стоки во вредност од 50 милијарди долари. Пекинг одговори со сопствени царини и сè продолжи до т.н. примирје во 2020 година
Наместо да ги повлече тие мерки, Бајден тивко го ескалира трговскиот конфликт. Во октомври, неговата администрација воведе нови опсежни ограничувања дизајнирани да го ограничат пристапот на Кина до технологијата клучна за нејзината растечка воена моќ.
Поради зголемената конкуренција и во услови на страв од глобална рецесија, лидерите на двете најголеми светски економии - Си Ѓинпинг и Џо Бајден - се сретнаа на маргините на самитот на Г-20 во Бали, Индонезија. Во изјавата за новинарите на Бали, американската министерка за финансии Џенет Јелен рече дека целта на состанокот е да се стабилизираат односите и изрази надеж дека тоа ќе ја постави основата за билатерален економски ангажман.
Влогот е голем за двете страни, како и за остатокот од светот. Кина, со својата економија од речиси 18 илјади милијарди долари, е главниот двигател на глобалниот раст во последниве години. Но, локдауните поради Ковид и кризата со недвижности го забавија неговото проширување оваа година.
Иако очекувањата за состанокот се ниски, од клучно значење е двете страни повторно да се ангажираат, изјави за CNN Мети Бекинк, директорка на Economist Intelligence Corporate Network за Кина со седиште во Шангај.
Со децении имаше редовни линии на комуникација меѓу американските официјални лица и нивните кинески колеги, но повеќето од тие патишта беа прекинати откако претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси го посети Тајван во јули.
„Важно е шефовите на држави директно да зборуваат“, рече таа. „Има недостаток на доверба во оваа врска. Ако Си и Бајден испратат сигнал дека е време да се обнови комуникацијата, се надеваме дека ќе се намали нивото на недоверба“.