На Волстрит вчера берзанските индекси пораснаа, надоместувајќи ги минатонеделните загуби, најмногу благодарение на растот на цените на акциите на неколку технолошки гиганти.
Индексот Dow Jones зајакна за 0,20 отсто, на 38.790 поени, додека индексот S&P се зголеми за 0,63 отсто, на 5.149 поени, а индексот Nasdaq за 0,82 отсто, на 16.103 поени.
Растот на S&P 500 и Nasdaq индексот главно се должи на порастот на цените на акциите на неколку технолошки гиганти.
Така, цената на акцијата на Tesla скокна за повеќе од 6 отсто, по веста дека производителот на електрични автомобили ќе ги зголеми цените на некои свои модели во дел од Европа.
Цената на акциите на Alphabet скокна, пак, за 4 отсто, по веста дека Apple би сакал да ја вгради алатката Gemini AI на Google во новите модели на iPhone.
Во фокусот на инвеститорите оваа недела ќе биде средбата на лидерите на американската централна банка.
Се очекува централната банка да ги остави каматните стапки непроменети, а бидејќи инфлацијата остана покачена во последните два месеци, сè помалку е веројатно дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки во јуни.
„Фактот што цените на акциите пораснаа денес им дава можност на инвеститорите да извадат дел од профитот од пазарот пред пораките на ФЕД кои би можеле да ги разочараат наместо да ги охрабруваат инвеститорите“, рече Самер Самана, стратег во Wells Fargo Investment Institute.
Аналитичарите на Goldman Sachs вчера изјавија дека поради зголемената инфлација, сега очекуваат три намалувања на каматните стапки од страна на ФЕД оваа година, додека претходно очекуваа четири.
„Со пазарот блиску до рекордни нивоа, тешко е да се види што може дополнително да го поттикне пазарот. И не е тешко да се замисли што може да ги разочара инвеститорите“, рече Самана и ги истакна високите вреднувања на технолошките акции и можноста ФЕД да ги задржи каматните стапки на покачени нивоа подолго од очекуваното.
И на европските берзи цените на акциите вчера благо паднаа. Лондонскиот FTSE индекс се лизна 0,06 отсто, на 7.722 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,02 отсто, на 17.932 поени, а париски CAC 0,20 отсто, на 8.148 поени.