Гислејн Максвел е уапсена откако неколку жени ја обвинија дека ги регрутирала кога биле малолетни и ги подготвувала за сексуални услуги.

Агенти на ФБИ утрово во Њу Хемпшир ја уапсија Максвел, која му е поранешна девојка на Џефри Епстин, по обвиненија за подведување малолетнички.
The Associated Press, CNN и NBC објавија дека се очекува таа денеска да се појави пред суд.
Максвел (58), е британска наследничка и припадничка на елитата, а се товари дека била задолжена за наоѓање малолетни девојки кои потоа ги подготвувала за сексуални услуги наменети за Епстин и други моќни и влијателни мажи. Таа ги негира обвиненијата.
Милијардерот Џефри Епстин се самоуби во затвор откако беше обвинет за педофилија.

Тој годинава требаше да се соочи со обвиненијата за сексуално злоставување на десетици малолетни девојки во Њујорк и на Флорида. Две недели пред да се самоубие имаше неуспешен обид да си го одземе животот , по што беше ставен под 24-часовна стража. Епстин, кој беше уапсен лани на почетокот на јули поради федерални обвиненија, тогаш беше пронајден на подот на својата ќелија во положба на фетус, со траги од повреди на вратот.