На Меѓународниот ден на водата, Унијата за Медитеранот ги повика своите 43 земји-членки на посилна соработка, предупредувајќи дека 240 од 530 милиони луѓе покрај бреговите на Медитеранот немаат доволно вода.
„Медитеранскиот регион е критична точка на климатските промени бидејќи се загрева за 20% побрзо од светскиот просек“, соопшти организацијата од своето седиште во Барселона. „Медитеранот е дом на 180 милиони луѓе кои се сметаат за сиромашни со вода, а уште 60 милиони луѓе се соочуваат со стрес поради недостигот“, додаде таа во изјавата.
Земјите од источниот и јужниот дел на Медитеранот со години се соочуваат со недостиг на вода за пиење, а долгорочни суши неодамна ги зафатија и европските земји. Шпанските туристички региони Каталонија и Андалузија минатиот месец најавија намалување на потрошувачката на вода ова лето и веќе ја ограничија количината на вода достапна за тушеви во јавните базени и за наводнување градините.
И во Грција жителите забележуваат дека има помалку вода од порано. „Млазот вода од цевката повеќе не е силен и интензивен како порано“, изјави 19-годишниот келнер Василиос Кукулас за HINA во градот Мегалополис. На тамошниот полуостров Пелопонез, тие развиваат проекти за десалинизација кои ја обработуваат морската вода.
„Сушата е огромен проблем за нас“, истакна Василис Дертилис, кој управува со фондовите на Европската Унија во Грција.
Од 1993 година, Обединетите нации го слават Меѓународниот ден на водата на 22 март за да предупредат на недостигот на вода и потребата од порационално управување со него. Во последните месеци, на опколените жители на Појасот Газа „кои умираат од глад и дехидрација“ им недостига вода, предупредија ОН.
„Пристапот до здрава вода за пиење е меѓународно признато човеково право“, рече Алмотаз Абади, потпретседател на Унијата за Медитеранот задолжен за прашањата за водите, велејќи дека е потребна заедничка акција и соработка на сите земји-членки за да се реши проблемот.