Неделава, Венеција ќе почне да им наплаќа влез во градот на дневните патници, што е прв ваков случај во светот.
Целта е да се намали притисокот врз древниот италијански град, кој тоне под тежината на масовниот туризам.
Почнувајќи од четврток, посетителите кои доаѓаат во градот на еден ден ќе треба да купат билет од пет евра, што на клучни локации низ градот ќе го контролираат инспекторите.
Минатата година, 3,2 милиони туристи поминаа барем една ноќ во историскиот центар на градот, но десетици илјади други се слеваа во тесните улички на градот во текот на денот, често од бродови за крстарење, за да ги видат знаменитостите, вклучувајќи го плоштадот Свети Марко и мостот Риалто.
Целта на воведувањето билети е да се охрабрат дневните патници да доаѓаат во помалку френвентни периоди со цел да се разреди најголемата гужва.
Првично, билетите ќе бидат потребни само за 29 „ударни“ туристички денови во текот на 2024 година, главно за време на викендите од мај до јули.
Дали ваквата мерка ќе даде резултати, внимателно ќе се следи и во другите туристички дестинации низ светот кои се мачат да се справат со масовниот туризам.
Во Шпанија, втората најпосетувана земја во светот по Франција, десетици илјади луѓе протестираа во саботата на Канарските Острови барајќи ограничување на бројот на посетители на архипелагот.
Луиџи Бруњаро, градоначалникот на Венеција, го опиша потегот како „експеримент, прв во светот, кој има за цел да ја направи Венеција попријатна за живеење“.
Венеција, која се простира на повеќе од 100 мали острови и островчиња во североисточна Италија, се смета за еден од најубавите градови во светот.
УНЕСКО го вброи градот и неговата лагуна како светско наследство во 1987 година, наведувајќи го како „извонредно архитектонско ремек-дело“.
Сепак, организацијата на ОН минатата година се закани дека ќе ја стави Венеција на својата листа на загрозено наследство, наведувајќи го масовниот туризам и зголемувањето на нивото на водата што се припишуваат на климатските промени.
Долго време се разговараше за системот за издавање билети, но неговата имплементација постојано беше одложувана поради загриженоста дека сериозно ќе ги намали приходите од туризмот и ќе ја загрози слободата на движење.
Градските советници од опозицијата тврдат дека тоа нема да има никаква корист. „Педесет евра можеби ќе помогнеа“, рече еден од нив Џанфранко Бетин.
Во 2021 година, Венеција веќе воведе забрана за масовни крстарења, од кои секојдневно заминуваат илјадници туристи, пренасочувајќи ги кон подалечно индустриско пристаниште.
Градоначалникот на Венеција вети дека новиот систем ќе биде наметнат „нежно“, без строги контроли и редици за билети, отфрлајќи ги шпекулациите дека градот ќе постави бариери или контролни пунктови на улиците.
Инспекторите ќе бидат стационирани во и околу главните влезови на градот, особено на железничката станица Санта Лучија, проверувајќи ги посетителите на лице место.
Туристите кои немаат билет ќе добијат инструкции како да купат, но може да ризикуваат казни од 50 до 300 евра ако се прават „наудрени“.
Билет ќе плаќаат само дневните туристи кои ќе дојдат во стариот дел од 8:30 до 16 часот, а од ова се ослободени оние кои престојуваат во хотели, лица до 14 години и лицата со посебни потреби.