Фудбал
1.МФЛ 2019/20

Викендов завршува полусезоната во фудбалската лига

6. декември 2019 - 17:41 | Ф.З.

Со дерби пресметката на Вардар и Шкендија во рамките на 18-тото коло ќе заврши есенскиот дел во најдобрата македонска фудбалска лига.

Без разлика на резултатот в недела на Националната арена, Вардар ќе презими на врвот откако веќе ја обезбеди есенската титула. Вардарци имаат дури 8 бодови предност пред Шкендија и Академија Пандев кои го делат второто место.

Токму актуелниот шампион Шкендија му гостува на лидерот в недела од 13 часот кога ќе се обиде да ја намали разликата или барем да не му дозволи на Вардар да ја зголеми. Вистинска дерби пресметка за крај на оваа полусезона. Од Вардар, кој е домќаин и организатор, најавија дека натпреварот е од висок ризик и поради тоа билет ќе може да се купи само со приложување на документ за лична идентификација и притоа еден човек ќе може да купи само еден билет. Цената е симболична, само 100 денари. Атмосферата на трибините нема да ја збогатат навивачи од Тетово бидејќи со цел да се осигура безбедноста има забрана за нивно организирано доаѓање. Воедно, обезбедувањето нема да дозволи внесување на тврди предмени, вклучувајќи и монети.

Во останатите дуели, први полусезоната ќе ја затворат фудбалерите на Силекс и Академија Пандев кои својот натпревар поради тв преносот ќе го одиграат во сабота, исто така од 13 часот.

Дерби на дното во Тетово ќе играат Ренова и Работнички. „Романтичарите“ ќе се обидат со победа конечно да ја напуштат последната позиција и истата да му ја препуштат токму на сегашниот ривал.

Борец патува во Струга во последен обид да успее конечно да остане непоразен на едно гостување. Велешани имаат неверојатен гостински скор од 8 порази на осумте натпревари, само 3 постигнати голови и дури 20 примени.

Во скопската населба Чаир во последниот натпревар силите ќе ги одмерат домашните „Гулаби“ и „Лавовите“ од Ѓорче Петров.

Сабота, 13 часот:

Стадион „Силекс“ во Кратово
Силекс - Академија Пандев
Судија: Константин Влахо (Скопје)

Недела, 13 часот:

Национална Арена „Тоше Проески“ во Скопје
Вардар - Шкендија
Судија: Александар Ставрев (Скопје)

Стадион „Градски“ во Тетово
Ренова - Работнички
Судија: Албрим Шаќири (Струга)

Стадион „Градска Плажа“ во Струга
Струга - Борец
Судија: Игор Стојчевски (Скопје)

Стадион „Чаир“ во Скопје
Шкупи - Македонија ЃП
Судија: Јосип Бартон (Скопје)

Коментирај