По денешните натпревари, познати се сите двојки во четвртфиналето на Светското првенство во кошарка што се игра во Кина.
Кошаркарите на САД можеа со евентуален пораз да изберат полесен пат до финалето, но одлучија да играат фер и чесно, па го совладаа Бразил и ќе играат во делот од жребот каде ги чека селекцијата на Србија.
Американците ги надиграа Бразилците со резултат од 89:73, а средбата по само 13 минути игра мораше да ја напушти селекторот на јужноамериканската репрезентација Александар Петровиќ.
Популарниот Ацо беше исфрлен од натпреварот откако бурно реагираше на една судиска одлука, а потоа влезе на терен и продолжи да пцуе, па неговите играчи мораа да го придружуваат да излезе од теренот и да отиде во соблекувалната за да се смири ситуацијата.
Американците на патот до финалето ќе мора прво да ги совладаат Французите во четвртфиналето, а потоа во полуфиналето би играле против победникот од дуелот Србија-Аргентина.
Во вториот дел од жребот четвртфинални двојки се Шпанија-Полска и Чешка-Австралија. Натпреварите се играат на 10 и 11 септември.