Станува сè појасно дека капитенот на хрватската репрезентација Лука Модриќ (38) на крајот на сезоната ќе го напушти Реал Мадрид по 12 години минати во клубот со кој постигна големи успеси, вклучувајќи дури пет титули во Лигата на шампионите.
Има многу шпекулации за неговата следна дестинација, а се споменува и враќање во Динамо и преселба во МЛС или Саудиска Арабија.
Некако малку се зборува за тоа Модриќ да ја заврши кариерата по ЕУРО во Германија, а The Athletic објави текст во кој сугерира дека такво нешто сепак може да се случи. Имено, Карло Анчелоти му понуди можност на Модриќ да му се приклучи на стручниот штаб во Реал Мадрид, доколку реши да се пензионира на крајот на сезоната.
„Анчелоти му понуди на Модриќ да му се приклучи на неговиот тим пред околу два месеци. Иако хрватскиот репрезентативец беше благодарен за можноста, тој првично ја одби. Сепак, извори запознаени со ситуацијата велат дека тоа не било ‘дефинитивно не’, сугерирајќи дека Модриќ допрва ќе го разгледа предлогот, додека се свесни дека играчот од средниот ред е сè уште гладен за натпреварување и дека приоритет му е да продолжи да игра.“
Како што беше случај од почетокот на сезоната, идејата за продолжување на договорот е најмалку веројатно сценарио, иако конечна одлука во овој момент нема.
The Athletic овој месец објави дека Модриќ допрва треба да донесе одлука за својата иднина, а извори блиски до играчот велат дека мислат дека тој не брза да донесе одлука.
„Неговиот план е добро да ја заврши сезоната и потоа да ужива во успешно Европско првенство со Хрватска“, пишуваат британските медиуми.