Проектот Solar54 е иницијатива за изградба на колонија во пустината на резерватот Лос Колорадос
Научниците планираат да изградат „марсовска“ колонија во пустините на Аргентина, која би помогнала да се подготват астронаутите за живот на Црвената планета.
Проектот наречен Solar54 ќе симулира живот на Марс во црвената пустина, на околу 100 километри од градот Ла Риоха. Се вели дека резерватот Лос Колорадо, кој е полн со кањони и црвена земја, е најсличното место на Марс на нашата планета.
Иницијативата беше претставена минатата недела на Меѓународниот саем за воздухопловна и вселенска технологија во Вашингтон. Ќе биде финансиран од провинциската влада на Ла Риоха и FANIoT, компанија која се занимава со развој на IoT технологија, средини за виртуелна реалност и одржлива мобилност.
Solar54 се надева дека ќе им овозможи на астронаутите и научниците да ги тестираат условите за живот на Марс, за еден ден да изградат вистински идни колонии.
„Наша цел е да ги имитираме животните услови, лабораториите за вселенска технологија и системите за производство на храна кои би се користеле на Марс“, вели водачот на проектот.
На нивната веб-страница тие објаснуваат дека експериментот ќе симулира „култивирање и живот кои ќе се применуваат во идните истражувања на планетата Марс“. Проектот ќе одгледува растенија во специјални оранжерии, а исто така ќе тестира како астронаутите ментално се справуваат со месеци или години на изолација од цивилизацијата за време на патувањето во вселената.
Solar54 следува по сличните напори од Исланд. Доколку не сте знаеле, Исланд е дом на најголемата пустина во Европа, која се користи како место за симулирање на животот на Месечината, благодарение на неговата пуста и негостољубива средина која имитира услови што можеме да ги најдеме во другите светови, како што се Марс или јупитеровата месечина Европа.
Минатата година НАСА испрати тројца астронаути да тестираат сет нови вселенски одела во вулканските пештери на Исланд. Тие поминаа три дена таму собирајќи примероци од бактерии од ѕидовите и талкајќи наоколу за да ја тестираат издржливоста на оделата.