Blue Origin продаде билет за патување во вселената на аукција за 28 милиони долари.
Почетната цена на билетот за место во ракетата New Shepard, односно во капсулата, беше 4,8 милиони долари, но на крајот за само десет минути достигна 28 милиони долари.
Лансирањето е закажано за 20 јули и тоа ќе биде првата мисија на Blue Origin во која луѓе ќе патуваат туристички во вселената. Победникот на аукцијата ќе доживее микрогравитација во период од неколку минути, заедно со основачот на Blue Origin, Џеф Безос, неговиот брат Марк и уште еден патник.
Идентитетот на победникот на аукцијата ќе остане тајна во наредниот период.
Ракетата New Shepard е дизајнирана да ја носи капсулата до работ на вселената, а капсулата нуди доволно простор за шест патници. За време на десетминутното патување, патниците ќе доживеат микрогравитација во период од три минути.
Безос на овој начин ќе го исполни својот сон.
Цената од 28 милиони долари за вселенски билет е скоро двојно пониска од цената на билетот за капсулата Crew Dragon на SpaceX. Само владини астронаути патувале до Меѓународната вселенска станица со оваа капсула, а првото приватно патување во орбитата се очекува оваа година. Четворица патници ќе поминат три дена во орбитата.