Кралот Чарлс (75) и Камила (76) се подготвуваат да ја напуштат Кларенс Хаус, а поради неговата здравствена состојба забрзана е работата во Бакингемската палата за да може кралската двојка што поскоро да се всели.
Така, кралот полесно и побрзо ќе ги извршува секојдневните обврски и нема да мора да патува. Доколку сè оди според планот, работите би можеле да завршат до 2027 година.
Кралот Чарлс и неговата сопруга планираат да се преселат во северното крило на палатата, која се реновира десет години. Работите ги почна кралицата Елизабета Втора. Во моментов се реновираат приватните апартмани.
Поради забрзувањето на работата, кралот Чарлс моментално бара нови помошници. Неговата канцеларија објави оглас во кој бара луѓе задолжени за „одржување, чистење и грижа за широк спектар на ентериери и предмети“, пренесува Hello.
Во огласот исто така беше наведено дека од вработените ќе се бара да патуваат во други кралски резиденции во текот на годината до три месеци.
„Претходно искуство во домаќинство или угостителство не е потребно, но е предност. Повеќе нè интересира вашиот проактивен пристап и способност да се справите со новите предизвици“, стои во описот на огласот.
Не е познато дали кралот Чарлс ќе ја задржи Кларенс Хаус како втор дом кога ќе се пресели во Бакингемската палата со 775 соби. Инаку, како едно од неговите омилени места се смета и имотот во Сандригем, каде моментално поминува најголем дел од своето време.