Звуците на природата, особено пеењето на птиците, се клучни во градењето и одржувањето на нашата врска со природата. За жал, новото истражување открива дека звуците на пролетта се менуваат, а пеењето на птиците низ Северна Америка и Европа станува потивко и помалку разновидно.

Меѓународен тим предводен од истражувачи од Универзитетот Ист Англија разви нова техника за следење на птиците ширум светот и снимање на поединечни видови во дивината, со цел да се открие нивното пеење на повеќе од 200.000 локации во изминатите 25 години.
„Предностите од нашиот контакт со природата се огромни. Го подобруваме физичкото здравје, постигнуваме психолошка благосостојба и ја зголемуваме веројатноста за поддршка и учество во еколошки активности“, рече еден од авторите на студијата, д-р Сајмон Батлер, од Факултетот за биолошки науки при Универзитетот Ист Англија.
„Пеењето на птиците игра важна улога во дефинирањето на квалитетот на природните искуства, но раширениот пад на популацијата на птиците и промените во дистрибуцијата на видовите како резултат на климатските промени значат дека акустичните својства на природните пејзажи најверојатно ќе се променат. Сепак, немаме историски снимки од птици кои пеат за повеќето локации опфатени со нашето истражување, па моравме да развиеме нов пристап за да ги реконструираме“, објасни д-р Батлер.
Годишните податоци за бројот на птици се споредуваат со снимките на повеќе од илјада видови од базата на податоци Ксено Канто, во која волонтерите објавуваат и евидентираат снимки од пеење и звуци на птиците уште од 2005 година. Целта на истражувачите била да ги реконструираат историските звучни пејзажи.
Акустичните карактеристики на овие звучни пејзажи потоа биле подредени со користење на четири индекси дизајнирани да ја мерат акустичната енергија по фреквенции и време. Индексите биле водени од сложеноста и разновидноста на пеењето на птиците меѓу набљудуваните видови и ја подредиле нивната разновидност и интензитет како целина.
Коментирајќи ги резултатите од истражувањето, д-р Батлер вели дека откриле широко распространето намалување на акустичната разновидност и интензитетот на природните звучни пејзажи, поттикнати од промените во составот на заедниците на птиците.
„Овие резултати покажуваат дека природните звучни пејзажи стануваат потивки и помалку разновидни напролет, што потенцијално може да влијае на човековото здравје и благосостојба“, вели д-р Батлер.

„Со оглед на тоа што луѓето најчесто слушаат наместо да гледаат птици, поради опаѓањето на квалитетот на природните звучни пејзажи, луѓето имаат поголема веројатност да забележат пад на нивната популација“.
Истражувачите велат дека не е лесно да се предвиди врската помеѓу промените во структурата на заедниците на птиците и карактеристиките на звучниот пејзаж.
„Генерално, откривме дека местата кои доживеале поголем пад на вкупниот број или разновидност на видовите, исто така, покажале поголем пад на акустичната разновидност и интензитет“, рече д-р Катриона Морисон, истражувач на Факултетот за биолошки науки. „Глобалното затоплување се шири низ планетата и им штети на луѓето, флората и фауната. Засегнати се и птиците и тоа влијае на нивното пеење, кое има релаксирачки и пријатен ефект врз сите луѓе“.
„На пример, губењето на видови како што се чучурлигата или славејот веројатно ќе има поголемо влијание врз сложеноста на звучниот пејзаж отколку загубата на одредени видови, како што се врани и галеби, чие пеење не е премногу пријатно. Сепак, тоа зависи и од бројот и разновидноста на другите присутни видови“, додава Морисон.
За жал, среде сè поизразената климатска криза, сега знаеме за уште еден проблем што може да придонесе за помала поврзаност меѓу луѓето и природата.
„Како што стануваме помалку свесни за нашата природна средина, ние исто така почнуваме да забележуваме помалку или да се грижиме за нејзиното распаѓање. Истражувањето како нашето има за цел да ја зголеми свеста за природните загуби и да го покаже нивното потенцијално влијание врз човековата благосостојба“, заклучува д-р Морисон.
