Доколку сте кулинарски авантуристи, еве еден предлог рецепт за десерт.

Ние од Кајгана признаваме дека немаме пробано вакво нешто, но ширум интернетот има доста пофални зборови за ваков вид на палачинки. Некои коментари одат дотаму што велат „прсти ќе излижете“, иако на непробано делува сомнително. Но, како што се вели, додека човек не проба, нема да знае.
Потребни состојки:
- 5 големи компири
- 1 црвен кромид со средна големина
- 100 гр брашно
- 1 јајце
- масло за пржење
- пире од јаболка
- шлаг
- сол по вкус
- бибер по вкус
Подготовка:
Исцедете го вишокот течност од кромидот и компирите. Изрендајте ги излупените компири, а кромидот исечкајте го на тенки ленти. Малку посолете за да излезе водата, па преместете ги на сува и чиста крпа за да се доцеди вишокот течност. Што повеќе течност исцедите, палачинките ќе бидат покрцкави.
Додадете ги останатите состојки. Исцедените кромид и компири префрлете ги во чинија, па додадете јајце, брашно, сол, бибер и добро измешајте.
Загрејте масло во тава за палачинки. Откако ќе се загрее, две лажици од смесата ставете во тавата и порамнете со шпатула за да добие облик на палачинка. Пржете од секоја страна по 5 минути, или додека не добијат убава златна боја и не станат крцкави. Готовите палачинки ставете ги на хартиена крпа за да се впие вишокот маснотии.
Рецептот вели дека палачинките треба да се полнат со пире од јаболка, а одозгора да се сервираат со шлаг. Реално, тука можете да експериментирате како ви душа сака.