Дарија Андовска, деканка на ФМУ: Интелектуалецот треба и мора да биде општествено ангажиран

Истрајна, храбра, талентирана, вредна, гласна... Со многу епитети може да се почне да се опишува сè што е Дарија Андовска, композиторка и деканка на Факултетот за музичка уметност – Скопје.

Фото: Маја Аргакиева

Нејзината работна биографија е предолга за да се долови во еден вовед во интервјуто со неа, и една од ретките во кои квалитетот парира на квантитетот. Нејзиниот лик и дело се гордост за македонската класична музика, и за македонската уметност воопшто, а таа плени и со сите нејзини квалитети како човек, како уметник, како едукатор.

Музикологот Марко Коловски во книгата „47 македонски композитори“ (2013) за Андовска ќе наведе дека студиите по композиција ги завршила на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски, а магистрирала во Цирих – Швајцарија (ZHdK), – современа музика во класата на И. Мундри и филмска и театарска музика и продукција кај Д. Ферари и А. Белмо. Својата едукација ја збогатила и со учество на мастеркласови и работилници во повеќе светски градови (Санкт Петербург, Белград, Штутгард, Утрехт итн.). Андовска е автор на повеќе солистички, камерни, оркестарски дела, како и на музика за филм, театар, танц. Таа е автор и на мултимедијални проекти. Еден е од најизведуваните македонски млади композитори во странство (Швајцарија, Италија, Германија, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Мексико, Канада, САД, Ерменија, Полска и други), а нејзините композиции се ставани на носачи на звук во Македонија, Швајцарија, Италија, Србија, Босна и Херцеговина, Германија. Дел од нив и се печатени, освен во СОКОМ (Македонија) и од „Nuova Stradivarius“ – Италија и „Sordino“ – Швајцарија.

„Дарија Андовска во својата музика на извесен начин сака да ги пречекори лимитите на вербалната комуникација. Понесена од примарната идеја дека музиката треба ‘да ги пренесе оние чувства, мисли, слики, за кои зборовите не се доволни’, таа во своите композиции се обидува да создаде ‘енергија која комуницира, музика и звуци кои креираат слики, емоција која е директна, незаобиколива и неумолива’“, ќе напише Коловски.

Проф. м-р Дарија Андовска е добитничка на повеќе меѓународни награди за композиција и музика за филм и театар, а од академската 2022/23 година застана на чело на ФМУ – Скопје. Ја паметам уште од моите студентски денови, кога, иако филолог, често бев низ ходниците и вежбалните на ФМУ, каде моите пријатели и тамошните студенти ревносно зборуваа за (тогаш) асистентката Дарија, опишувајќи ја како „строга, но правична“ и „пристапна, а сепак авторитетна“. Овие квалификации често ги слушав и од генерациите понатаму. Низ годините, останав сведок на нејзиниот кариерен подем, но и нејзиниот несоборлив дух, непобитна харизма и голема човечност. Да се седне на разговор со Дарија Андовска е задоволство и привилегија, разговорот со неа секогаш тече глатко и ретко секнува, а поводи често изобилувале. За работата и создавањето во доминантно „машка“ професија, за посветеноста и самокритичноста, за рамноправноста и борбата, за одговорноста и интелектуалата, разговаравме со Андовска токму пред одбележувањето на Меѓународниот ден на жената.

Очекуваното прашање, а донекаде и прашањето од кое се стравува, кога се интервјуира жена од Вашиот професионален и интелектуален калибар, а особено во очи на 8 Март, би било „Како е да се биде жена композитор?“. Но, да почнеме од друг агол – Дали родот има каква било поврзаност со Вашиот професионален идентитет?

Според мене - не, а и не би требало да има врска, иако предрасудите, а донекаде и физиологијата, наметнуваат поинакво размислување и делување. Бидувањето композитор е вообичаено машка професија или барем повеќето светски познати композитори се мажи, иако постоеле и бројни жени кои твореле уште од времето на антиката. Но, лично, одбивам да правам дистинкција помеѓу естетските вредности на дело од маж или од жена. Позитивната дискриминација мислам дека не оди во полза на квалитетот. Затоа и не сум учествувала во натпревари само за жени композитори.

Интелектуалниот капацитет, талентите и вештините не се определени од полот и/или родот, но нивниот развој секако зависи од околностите. Сметам дека единствено во спортот, поради физичките предиспозиции на мажите и жените, кои се предодредени од полот, треба да постојат посебни категории за мажи и жени. Во ниту една друга област не би требало. Но, ете, живееме во свет, кој на хартија звучи многу подобро, отколку што е тоа во реалноста.

На кои начини сметате дека тоа што сте жена ги обликувало Вашите искуства како уметница? Како деканка која повеќе од една година успешно го води Факултетот за музичка уметност, каков совет би упатиле до жените во уметноста кои имаат аспирации да посегнат по лидерски улоги?

Барем во мојата професија е најчесто непријатно да се биде жена. Особено жена која се грижи и за својот изглед, освен за реализацијата на умствениот капацитет.

Убедена сум дека во сите професии жените мораат да работат барем двојно повеќе, ако не и далеку повеќе од двојно, за да успеат да се пласираат.

Тоа, веројатно, придонело да сум перфекционист, да сум дисциплинирана во однос на сè, да работам со екстремен фокус на деталите (оти во деталите е убавината, но и живоста), да сум многу самокритична и да не се нафаќам за работа, ако не мислам дека можам да ја сработам на високо професионално ниво. Исто така, таа позиција на вечно шиканирана и/или дискриминирана поради женскоста, ме натера континуирано да учам и да се образувам широко во сфери кои и не ми се воопшто блиски на професијата. Со многукратно повеќе работа да стигнам да рамноправен третман или барем блиску до рамноправност.

Понекогаш таквата поставеност води и кон еден сосема поинаков екстрем, а тоа е страв од страна на мажите во опкружувањето, па дури и шокираност, што е пак една сосема поинаква борба.

Животот ме научи дека лидерските способности не зависат од желбата за лидерство, односно или ги имаш или ги немаш.

Јас, на пример, никогаш не сум имала такви аспирации, но животот решил да се пошегува со мене и да ме тестира како ќе одговарам на различни предизвици. Мисла-водилка секогаш ми е да биде добро за сите и тоа е начинот на кој пристапувам во однос на сè, во што сум на било кој начин вклучена, но и кога не сум активно инволвирана.

Не правам разлика во односот кон луѓето по ниеден основ, најмалку во односа на нивната позиција или социјален статус - за сите имам подеднакво почит.

Веројатно тоа е и разликата помеѓу лидер и шеф - лидерот подава рака, а шефот гледа одозгора.

Колкава е одговорноста не само да се едуцираат, туку и да се обликувааат младите мозоци на луѓе кои ја избрале музиката за своја професија? И колкав е предизвикот сега, од оваа позиција, да се создава и гради политиката на една образовна институција како ФМУ за генерации во иднина?

Работата со луѓе е секогаш голема одговорност, особено со млади луѓе во критичниот период на нивното созревање и оформување како зрели индивидуи. Вистина е дека наставникот во високото образованите не е таму само да едуцира, туку да биде позитивен пример за личност со каква студентите би се идентификувале во процесот на развој и кон каква би се стремеле да го насочат својот раст. Затоа отсекогаш се трудам првенствено “to walk my talk”, оти тоа е многу важно за зборот да има тежина - да се покаже во пракса дека не е само празен муабет.

Во таа смисла, преку сопствениот пример се обидувам да им отворам на студентите нови видици, да им ги разбудам умовите, да им ја заскокоткам љубопитноста, да ги натерам да се борат, да се правични и принципиелни, да се грижат за себе и сите во својата околина, да инвестираат во себе преку континуирана надградба и учење, но и најважното - секогаш да се искрени со себе, оти многу е едноставно: ако сакаш нешто да направиш, ќе го направиш; ако не сакаш, ќе најдеш изговор.

Што се однесува до сегашната моја позиција, таа е во најголемиот дел - менаџерска. Фокусот ми е на подобрување на условите за работа и за студии, да направам сите да се чувстуваат како дома на ФМУ, што би значело и да чуваат како дома, но и подобрување на меѓучовечките односи и комуникација.

Неодамна соопштивте дека на ФМУ се отвора Катедра за популарни жанрови. Колкав удел имавте вие во зачетокот на оваа катедра и која е Вашата визија за ФДУ?

Оделот за популарна музика се отвори во 2012 година и беше во залет, работеше со полна пареа сè до 2018 година, кога тогашното раководство реши да го стави во мирување. Имајќи го предвид пулсот на времето, интересот на студентите, како и светските текови, уште со почетокот на мојот мандат еден од приоритетите ми беше првенствено реанимирање на оделот, па веднаш потоа интензивна работа со цел отворање на Катедра за џез и популарна музика. И се оствари во релативно кус период, за што сум особено благодарна на колегите и нивната соработка, со заеднички сили да постигнеме успех.

ФМУ - Скопје е центарот, оваа институција е храм на музиката и уметноста, во кој и низ кој поминале бројни звучни имиња, некои како алумни, некои како наставници, музичари кои се носечките столбови на македонската музичка историја и култура, но и на иднината. Од ФМУ - Скопје произлегува наставниот кадар за сите основни и средни училишта, како и за стручните училишта, наши студенти се колегите кои ги сочинуваат најголемите професионални оркестри и ансамбли во Македонија, па и наставниот кадар за конкурентните факултети е, во поголемиот дел, образуван кај нас.

Мојата визија е да се врати достоинството на оваа институција од исклучителна важност, таа да го добие своето соодветно место согласно нејзиното значење, но и квалитет на кадарот. Истовремено, новата деканатска управа состави комисии кои работат на осовременување на наставните програми и воведување нови и атрактивни предмети, нови акредитации за сите три циклуси на студии, во кои ќе има можност за студии и на англиски јазик. Тоа ја потврдува спремноста и отвореноста за соработка со регионот и пошироко, што е основното мото на нашиот тим. Вложуваме прилично многу да обезбедиме континуирана активност во сите сфери - редовни концерти, отворени предавања, мастеркласови, работилници, настапи…

Но, мора да се посвети внимание и на застареноста на инструментариумот. Замислете, најновото концертно пијано на ФМУ е постаро од мене, има 46 години.

Затоа, се трудиме да обезбедиме средства да се обнови корпусот каде и колку може може, да се реставрираат инструментите кои можат, оти се апсолутно неопходни за изведување на наставата.

Во меѓувреме, за овие 18 месеци, колку што трае мандатот на оваа управа до сега, освен отворањето на Катедрата за популарни жанрови, направивме уште неколку подвизи: за првпат, после 13 години постоење на Катедрата за балетска педагогија, ФМУ - Скопје има своја балетска сала; отворивме бифе со супер услуга и пристојни цени, каде студентите можат да ја користат картичката за студентски оброк; за студентите направивме соба за релаксација (секако, секогаш може и наставниците да ја користат); набавивме 4 нови Јамаха електрични пијана; во прогрес е изработка на дигиталниот распоред, преку кој студентите ќе можат да си резервираат простории за вежбање; набавивме нова аудио и компјутерска опрема, која е на располагање за сите. Како што гледате, навистина се трудиме да ги подобриме условите. До каде ќе стигнеме за следните 18 месеци - ќе видиме, но тргнати сме да се надминеме!

Вашите дела често зрачат со патриотизам врамен во светски контекст. Какво е чувството кога ќе прозвучи македонското низ европските и светските концертни сали?

Употребата на македонскиот фолклор во мое дело или давањето поинаква визура на фоклорот со мој печат е процес, за кој требаше да постигнам творечка зрелост, пред да му пристапам. И тоа беше со умисла - не сакав, ниту сакам да го сквернавам народниот гениј, туку да му додадам вредност преку уметничко обликување.

Се разбира, фолклорот не е составен дел од сите мои композиции, но тука-таму провејува, а особено е нагласен во последниве години, веројатно поради незавидната положба на македонскиот музички, јазичен и културен идентитет, поради што сметам дека е моја должност, чест и обврска да ги штитам и промовирам на најсоодветен и достоинствен начин, регионално и низ светот.

Секоја изведба на мое дело некаде низ светот ја сметам за свој придонес и давање онаму, од каде ми е изворот на енергијата, мислата, љубовта, силата - татковината Македонија.

Но, верувајте, потешко е да се пласира македонско уметничко дело во Македонија. Или барем за мене е тоа така.

Вие сте јавна личност со силно изразено мислење за случувањата во Македонија и често повикувате на одговорност кога сметате дека одредена политичка партија, поединец или институција не си ја вршат работата за која се платени со народни пари. Силно и непоколебливо е Вашето чувство за социјална правда, како и инсистирањето на таа правда. Често спомнувате дека тоа се вредности научени од дома. Дали сметате дека интелектуалците во Македонија остануваат неми соочени со овие прашања?

Интелектуалецот треба и мора да биде општествено ангажиран. Тоа не значи да биде член на политичка партија, уште помалку за уметниците. Тие воопшто не треба и не смее да бидат ограничени во мислата и делувањето на таков начин.

Но, интелектуалците мораат да бидат коректив, гласни критичари на она што е девијација во општеството.

Кога ќе ми речат дека ние, уметниците, не треба да се занимаваме со општествените собитија, секогаш го споменувам великиот Бетовен, кој, освен генијален композитор, бил и свесен и активен учесник, а и критичар на тогашните збиднувања. Денес, дел од неговата деветта симфонија е химната на Европската Унија.

Да, изгледа дека мнозинството се најчесто повлечени, тивки до безгласни. Но, дали луѓето, кои се така резигнирани, можат да се наречат интелектуалци или се само високообразовани личности - тоа е дополнително прашање, а можеби и реторичко. Постои уште една категорија на, иако високообразовани и добростоечки, сепак сервилни луѓе. Зошто е тоа така и дали можат и тие да се наречат интелектуалци - уште едно прашање, повторно можно реторичко.

Жените на позиции на моќ и одлучување во Македонија и низ светот ги има во поголем број низ годините, но дали сметате дека квалитетот парира со квантитетот? Дали се гледате себе си на политичка позиција во иднина, каде би работеле директно на менување на системот?

Не секогаш квантитетот гарантира квалитет, но дава можност за повеќе избор и простор за компетитивност, што би можело да доведе до квалитет. Јас не сакам политичка позиција, ниту пак имам ментална конституција на политичар. Уште помалку би била дел од политичка партија.

Си ја сакам слободата на умот, на духот и на мислата, а политичката позиција наложува поинакво однесување. Веројатно сум на соодветното место - не за менување на системот, туку за менување на менталниот склоп. Замислете, кај мене студентите не доцнат!

Повторно, она што го покажувам со сопствениот пример има влијание, па така сметам дека, по принципот на ripple effect, можеби и ќе успееме во напорот да се направат позитивни промени.

реклама

Од 25 април почнува финансискиот успех за еден хороскопски знак

Read more

Една од најуспешните порно ѕвезди незадоволна од заработката: Не е во ред

Read more

Што ако мастурбирaњето ви буди чувство на непријатност?

Read more

Грција воведува шестдневна работна недела

Read more

Интервју

КАЈГАНА ЕКСКЛУЗИВА со Срѓан Драгојевиќ: Од поезија до филм и учеството на Саем на книга во Скопје

Read more

Дарија Андовска, деканка на ФМУ: Интелектуалецот треба и мора да биде општествено ангажиран

Read more

Монументалната архитектура како уметничка скулптура низ објективот на Ерина Богоева

Read more

Надија Реброња: Во Скопје се шета по ритамот на музиката на уличните музичари, а низ Вардар тече поезија

Read more
 

Ново

Кои се најпродавани автомобили во Европа годинава?

Читај повеќе

Уапсен дилер од Штип, пронајдена дрога и голема сума пари

Читај повеќе

27 април 1952, роден е Горан Стефановски

Читај повеќе

Ар Кели осуден на уште 20 години затвор за сексуално злоставување деца

Читај повеќе
  • play_arrow

Турското „чудо од дете“ го донесе Реал на дофат до титула

Читај повеќе

Стружанец објавувал експлицитна содржина од малолетничка

Читај повеќе

Нутриционистите споделија листа со најздравите зеленчуци

Читај повеќе
  • play_arrow

Погледнете го трејлерот за хоророт The Exorcism со Расел Кроу

Читај повеќе

Како да знаете дали се плаши од сериозна врска?

Читај повеќе