„Македонската архитектурална скулптура“ е седмата самостојна изложба на фотографии што ќе ја претстави Ерина Богоева на 9 октомври 2023 година, со почеток во 20 часот, во изложбениот простор на Младинскиот културен центар во Скопје. Изложбата ќе ја отвори д-р Кирил Пенушлиски.
Изложбата, што ќе биде од продажен карактер, се надоврзува на „Затемнетиот град“ од 2017 година за архитектурата од втората половина на ХХ век во Скопје. Веќе следната година, со иста инспирација Богоева ја направи и монографијата „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура“.
Богоева помина многу години истражувајќи ја архитектурата на Скопје низ призмата на фотограф, а „Македонската архитектурална скулптура“, проект поддржан од Министерството за Култура на Република Северна Македонија, е сублимат на проширувањето на тоа истражување на територијата на целата земја. Таа вели дека факт е дека оваа монументалистичка архитектура е присутна не само во главниот град туку и низ целата наша држава и таа досега ретко била предмет на истражување, фотографирање и презентирање.
Како и во Скопје, и во другите градови таа е често занемарена, оставена на маргините или да живурка или да пропаѓа, вели таа и додава дека дел од причините за овој однос кон брутализамот, а по него и на модернизамот (иако се светски архитектонски правци), е фактот што тие кај нас се појавуваат во времето на функционирањето на поранешна југословенска федерација.
„Амбивалетниот однос кон тие (веќе историски) времиња, влијаат врз фактот на неможноста да се постигне одвојување на убавината на градбите од политичкиот и историскиот контекст на времето во кое што се создавани. Преку фотографија сакам да ја прикажувам оваа архитектура во целосната нејзина скулптуралност, комплетно извадена од временскиот и просторниот контекст“, вели Богоева.
Фотографката го истакнува моментот дека кога навистина ќе се приближиме кон овие градби и споменици, можеме да ја видиме нивната големина, нивната монументалност и фактот дека архитектите кои ги проектирале овие дела навистина сакале да направат прецизни градби кои би следеле геометриски црти, воедно вклопувајќи се и откскокнувајќи од околината во која се наоѓаат.
„Функционалноста на овие училишта, градинки и згради во ниеден момент не била компромитирана на сметка на нивниот екстериер (околниот пејзаж), а ни обратно. Дури и спомениците изградени во овој период (како на пример, Костурницата на архитектот Петар Муличковски во Кавадарци) од една страна се поставени на локации кои им даваат шанса да се вклопат одлично во природата на градовите и да бидат функционални за рекреација на населението. Додека, пак, од друга страна се направени да личат како уметнички дела кои треба да припаѓаат во музеите“, поетично нагласува Богоева и продолжува дека „овие архитектурални дела треба да се прикажат како џиновски скулптури во некој музеј“.
„Доближани до гледачот максимално колку што може да се доближиме на скулптура, искушени да ја допреме иако знаеме дека не смееме. Бетонот од овие објекти нѐ повикува да ја видиме страната на овие објекти која често сме ја занемарувале. И бидејќи забранетото често е најинтригантно, преку допирот на фотографијата со архитектурата јас сакам да успеам ове дела да ги презентирам онака како што тие заслужуваат да бидат видени и запаметени за сите идни генерации“, објаснува таа.
На прашањето зошто одлучила да ја прошири експлоративната фотографска приказна низ целата земја, Богоева вели:
„По извесно истражување, а и со патување низ државата, сфатив кој потенцијал од модернистичка и бруталистичка архитектура го имаме и надвор од Скопје. Па иако Скопје е главниот град на брутализамот, заради обновата после земјотресот, останатите градови имаат доста импозантни зданија во нив. Некои се училишта, некои спомен костурници, или споменици, но во целост има многу што да се види.“
Неизбежно беше да се праша какви се чувствата кога ги фотографира објектите низ Скопје кои ѝ се познати и блиски и овие кои првпат ги запознава.
„Многу беше поинакво искуство отколку фоткањето низ Скопје. Иако ги истражував тие градби и гледав нивни фотографии со години, кога ќе застанеш пред нив чувството е сосема поинакво. Некои ме восхитуваа повеќе од очекуваното, а некои ме разочараа малку но, во целина беше многу освежувачко искуство. Бев многу возбудена да гледам толку убави градби во живо, и тоа кај нас, не во некоја друга држава“, објаснува фотографката и додава дека ја растажува негрижата за овие монументални градби.
„За жал само, како и во Скопје, така и низ другите градови, ретко кои од објектите се одржувани во целост. Некои од училиштата се во супер состојба (барем екстериерно), Спомен Коструницата во Велес е добра но, повеќето не се соодветно одржувани. Некои се и напуштени и забаталени (како хотелот „Липа“ во Прилеп), што е многу тажно.“
Ерина Богоева е дипломиран филолог на катедрата по Англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и магистар по Филм, телевизија и екранска индустрија при Нотингам Универзитетот, Велика Британија. Своите почетоци во уметноста и поконкретно во фотографијата ги врзува со програмата на Меѓународната матура, во склоп на средното образование во гимназијата „Јосип Броз- Тито“ во Скопје. Таа е самоук фотограф и активно се занимава со фотографија од 2007 година. Во тој период била дел од многу изложби („Плоштад Фотографика“, „Денови на Македонска Фотографија“, „Урбан Пејсаж“, „Хуманоста за Јоце не познава граници“, „Микро Изложба“, „Инстаграмџии“), како и креативни групни и самостојни проекти во Македонија и надвор од неа. Во 2009 година таа е добитник на награда во младинската категорија на Деновите на Македонската Фотографија, а во 2012 добива прва награда за фотографија на тема „Скопје од мој агол“. Во 2013 година Богоева е дел од „Fearful visions“ проектот во Берлин со своја фото-поставка. За време на нејзините студии во Нотингам (2013-2014) по филм, телевизија и екранска индустрија, станува фотограф за „The New Theater“ при Нотингам Универзитетот и нејзини фотографии се појавуваат во тамошното списание „Impact“. Во 2015 се приклучува на жирито на проектот „Фото на неделата“ организиран од ЏаБест и станува дел од уредувачкиот тим на македонскиот фото-блог Revoshot.
Во мај, 2016 година Богоева ја има својата прва самостојна изложба под наслов „Животот на улиците во Европа“ во во изложбениот простор на ЕУ Инфо Центарот како дел од програмата на Денот на Европа. Оваа изложба беше организирана и во рамки на серијата „Културни приказни" на ЕУ Инфо Центарот на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Во октомври 2016 ја има својата втора самостојна изложба, насловена „Небото над Скопје“, во склоп на манифестацијата „Бела Ноќ“, во Скопје. Нејзината трета самостојна изложба беше поставена во март 2017 година во кафулето Wonderlust во Скопје. Изложбата е под наслов „Четири годишни времиња и малку љубов“ и е нејзина прва продажна изложба. Во 2017 година, Богоева се посветува на фотографирањето архитектура и во октомври истата година ја постаува својата четврта самостојна изложба насловена „Затемнетиот Град“ во Музејот на Современата Уметност во Скопје, а поддржана од програмата Новиот културен бран на Министерството за култура. Во 2018 година овој проект се проширува и во монографија, поддржана од Град Скопје и издавачката куќа Арс Ламина. Монографијата „Скопје- архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ ја добива националната награда „13-ти Ноември“ во 2019 година. Истата година Богоева се приклучува на тимот на предавачи во Семос Едукација и оттогаш го држи предметот „Основи на фотографија“ при програмата за графички дизајн.
Во октомври 2021 година јавноста ја виде нејзината петта самостојна изложба „Мистеријата зад Женскиот поглед“ поддржана од Europe House Skopje, проследена со дискусија инспирирана од изложбата, а посветена на жените во креативните индустрии во нашата земја. Истата година, во ноември таа е дел од фотографската изложба на модното списание Vogue во Милано, преку VID фондацијата.
Во јуни 2023 Ерина ја има својата шеста самостојна изложба „Родовите Приказни низ Објективот“ поддржана од Europe House Skopje и Европскиот Амбасадор Дејвид Гир, во Национална Галерија „Мала Станица“ во Скопје.