Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник осомничен за кривично дело тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Ноќта меѓу 31 март и 1 април, осомничениот, заедно со уште три лица, провалил во затворен маркет на улицата „Востаничка“ во Скопје, одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни 45.000 денари, или сѐ во вкупна вредност од 285.000 денари.
Со возило пристигнале пред маркетот, со употреба на погоден алат – хебла, клешти и друго дејствувале врз влезната врата од маркетот, но не успеале да ја отворат. Еден од сторителите го стартувал возилото и удрил со задниот дел кршејќи ги двете лизгачки врати. Потоа тој и другите осомничени ги демонтирале и ги поставиле покрај влезот од маркетот. Преку така направениот отвор, сега осомничениот, заедно со другите лица, влегол во просторијата наменета за вработените, од каде што ги одзеле металниот сеф со дневен промет и цигарите, па заминале во непознат правец.
Бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор на осомничениот. Полицијата соопшти дека работи на откривање на неговите соучесници.