Холивудската актерка Ен Хатавеј неодамна откри со какви непријатности се соочила за време на аудициите во 2000-тите.
Во неодамнешното интервју за V Magazine, актерката сподели како се чувствувала на аудициите на почетокот на нејзината кариера и дека еднаш морала да бакне 10 мажи за време на аудиција за филм.
Таа истакна дека морале да прават т.н. тестови за хемија со различни актери каде што е нормално да се бакнуваат други луѓе за да се открие кој најмногу одговара на бараната улога.
„Тоа е всушност најлошиот начин за тоа. Мислев дека нешто не е во ред со мене бидејќи не бев возбудена, мислев дека е одвратно“, објасни таа.
„Бев толку млада и многу свесна за фактот дека може да изгубам сè ако ме означат како 'тешка', па се преправав дека сум возбудена и продолжував да работам. Тоа не беше игра на моќ. Никој не се обидуваше да биде грозен или да ме повреди. Беше многу поинакво време, но денес подобро знаеме“, истакна актерката, но не сакаше да прецизира за која улога станува збор.
На почетокот на нејзината кариера, Ен Хатавеј глумеше во „The Princess Diaries“, „Ella Enchanted“, „Brokeback Mountain“, „The Devil Wears Prada“, „The Dark Knight Rises“ и „Les Miserables“, кој ѝ донесе Оскар.
Инаку, Хатавеј неодамна беше во улога на продуцент на филмот „The Idea of You“, во кој ја игра и главната улога. Вели дека го променила процесот на кастинг за машката главна улога со тоа што го замолила секој актер да избере по една песна за која смета дека ќе одговара на нивниот карактер, а потоа да танцува за да види како им оди.