Балтичките земји Естонија, Латвија и Литванија најавија дека нема да допатуваат на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје доколку му се дозволи на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, да присуствува.
Чекорот доаѓа откако Русија и Белорусија ја спречија кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година, наместо тоа, предлагајќи ја Малта како компромисен кандидат, пишува Euractiv.
Москва претходно бараше ниту една земја од НАТО да не може да ја преземе улогата, велат дипломатите.
„Русија ќе ја искористи оваа можност да ја шири својата пропаганда и да го поткопа единството на Западот“, рече министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахкна.
„Факт е дека додека се одржува состанокот на ОБСЕ во Скопје, руската воена машина напаѓа невини Украинци и депортира деца без око да им трепне. Естонија не може да седне на иста маса со агресорот и да сноси одговорност за последиците што може да ги донесе присуството на Лавров. Тоа е спротивно на нашите основни принципи. Местото на Лавров е во специјален трибунал, а не на масата на ОБСЕ“, додаде тој.
Според тројцата министри, клучно е веднаш да се стави крај на агресијата, да се повлечат руските трупи од окупираните области, да се компензира за уништувањето и да се повика на одговорност.
„ОБСЕ првично беше дизајниран да ја изгради европската безбедност, да спречи конфликти и да го зачува мирот. А Русија со своите незаконски и ѕверски дејства постојано докажува дека не е безбедносен партнер на Европа. Всушност, денес, на Европа ѝ е потребна безбедност од и против Русија наместо заедно со неа“, изјавија тројцата министри.
Претходно денес, руската амбасада во Бугарија соопшти дека бугарските власти дозволиле авионот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, да прелета во бугарскиот воздушен простор за да пристигне на самитот на ОБСЕ во Скопје.
По таа вест Украина соопшто дека ќе испрати делегација, но без министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, како еден вид бојкот.