Свет

Филипинската полиција три години убива наркомани и дилери

8. јули 2019 - 14:26 | Б.С.Б.

Минаа три години откако на Филипините е објавена војна против дрогата и понатаму продолжуваат незаконските убиства од страна на полицијата. Власта одбива да спроведе истрага, пренесува Reuters.

Во новиот извештај „They Just Kill“ (Тие само убиваат) Amnesty International побара од Советот за човечки права на Обединетите Нации да одобри резолуција со која се бара истрага на Филипините, каде на дело е „опасна нормализација“ на илегални егзекуции и полициско малтретирање.

Не е можно да се утврди точната бројка на убиени во војната против дрогата што ја започна претседателот Родриго Дутерте. Се претпоставува дека во текот на полициските акции се убиени повеќе илјадници луѓе. Од полицијата тврдат дека осомничените кои ги убиваат во текот на акциите се вооружени и даваат отпор при апсење.

Властите ги негираат обвинувањата дека станува збор за егзекуции на наркомани и дилери и тврдат дека семејствата на жртвите можат да ја тужат полицијата ако мислат дека станува збор за нелегални убиства.

Од Amnesty International тврдат дека власта го крие точниот број на убиени, но сигурно станува збор за луѓе кои припаѓаат на сиромашниот слој и чии семејства немаат средства за правна битка против полицијата. Но, полицијата тврди дека убиствата кои се случуваат во текот на акции во кои полицајци на тајна задача дека сакаат да купат дрога, се резултат на самоодбрана.

Портпаролот на претседателот Дутерте, Салвадор Панело, минатата недела изјави дека полицијата постапува според законот, а повикот на делување на ОН го нарече мешање од страна на странски влади поради лажни вести.

Коментирај