
Шумски пожар на грчкиот туристички остров Хидра, во близина на Атина, беше предизвикан од огномет од јахта во петокот вечерта, соопштија грчките пожарникари во саботата, што предизвика бран на јавна осуда.
„Во пожар предизвикан од огномет од чамец, гори единствената борова шума на островот, на тешко пристапно место без пат“, објавија на Facebook пожарникарите на островот, што предизвика негодување на социјалната мрежа.
Пожарот брзо бил ставен под контрола.
'Yacht fireworks' spark forest fire
— Sky News (@SkyNews) June 23, 2024
Read more🔗https://t.co/kffkQcYESt
Градоначалникот на островот, Јоргос Кукудакис, на јавната телевизија ERT изјави дека е „навреден што некои луѓе на таков неодговорен начин палат огномети во боровата шума“ и најави дека општината ќе поднесе граѓанска тужба против одговорните за пожарот штом ќе заврши прелиминарната истрага.
Тринаесет лица обвинети за предизвикување на овој пожар беа уапсени во саботата по истрага на пожарникарите и тие мора да бидат изведени пред обвинител во недела.
Грција неодамна ги заостри казните за подметнување пожар. Сторителите на пожарите сега можат да бидат осудени на затворска казна до дваесет години и парична казна до 200.000 евра.

Во саботата, цивилната заштита повика на најголема претпазливост додека ризикот од пожар „останува многу висок“, особено во регионот на Атика, кој го опкружува грчкиот главен град, во Пелопонез (југ) и во центарот на земјата.
Пожарот кој беснее на кикладскиот остров Андрос доведе до евакуација на четири села и мобилизација на два водени бомбардери и шест хеликоптери.

Во петокот во шумски пожар загина 55-годишен маж од селото Миртија на Пелопонез.
Нови 45 пожари поттикнати од силен ветер се регистрирани во земјава, информираат пожарникарите.
Од средата властите продолжија да предупредуваат на „многу висок ризик“ од шумски пожари поради силните ветрови и високите температури кои достигнаа 40 степени Целзиусови во некои региони.