Италијанскиот тренер Антонио Конте донесе титула во англиската Премиер лига уште во првата сезона откако седна на клупата на Челзи, но играчите и понатаму не го сакаат. По Диего Коста, уште еден играч сака да си замине од клубот оваа зима.
Вилијан сака да тргне по стапките на Диего Коста и да го напушти Челзи оваа зима, а причината за тоа е тренерот Антонио Конте.
Англиски и бразилски медиуми говорат за незадоволството на Вилијан од третманот кој го добива од Конте, бидејќи во досегашниот тек од сезоната тој беше стартер на само 6 натпревари во Премиер лигата.
Летово Вилијан беше на излезна врата од Челзи и беше блиску до потпис со Манчестер Јунајтед, каде требаше да се обедини со Жозе Мурињо, но, во последен момент Конте го откажа трансферот поради тоа што сметаше дека Челзи нема доволно играчи во ротацијата за да може да си дозволи да продава.
Според бразилски извори блиски до пријателите на Вилијан, тој ќе почека да види дали раководството на Челзи ќе се ослободи од Конте, пред да одлучи каде ќе ја продолжи кариерата. Неколкупати досега тој изјавуваше дека е среќен во Лондон, но му пречи тоа што не добива доволно голема минутажа.