Истражувачите бараат луѓе низ целиот свет кои би можело да бидат отпорни на вирусот SARS-CoV-2 што предизвикува COVID-19. Клучот за лекување на оваа болест може да се најде во гените на некои луѓе.
Водачот на групата истражувачи, имунолог Евангелос Андреакос, рече дека клиничката слика значително се разликува кај луѓето со ковид, при што некои луѓе имаат само асимптоматска инфекција, додека на други им е загрозен животот.
„Нашето разбирање за патофизиологијата на ковид опасен по живот напредува значително од декември 2019 година, кога болеста допрва се опишуваше, а ние уште не знаеме многу за човечката генетска и имунолошка основа на вродена отпорност на SARS-CoV-2“, рече Андреакос.
Иако сѐ уште нема доволно информации за вродена отпорност на вирусот, истражувачите наведуваат дека тоа не значи дека не постои. Тие посочуваат дека понекогаш сите членови на домаќинството се заразени, освен на пример еден.
Исто така, претходно беше објавено дека луѓето со одредена крвна група имаат помали шанси да развијат тешка форма на ковид. Тоа се индивидуи кои имаат крвна група 0. Понатаму, други студии се занимаваа со протеини, како што се ACE2 или TMEM41B рецепторите. Овие протеини се чини дека се неопходни за коронавирусот да влезе или да се размножи во клетката, известува Science alert.
Истражувачите сакаат да најдат лица кои се природно отпорни на SARS-CoV-2 и имаат идеи како да го постигнат тоа.
„Прво се фокусираме на незаразени контакти во домаќинствата каде што луѓето имаат симптоматска инфекција. После тоа, треба да се земат предвид лицата изложени на индексен случај без лична заштитна опрема, најмалку 1 час дневно во првите 3-5 дена додека траат симптомите во индексниот случај“, наведуваат тие.
Ова потоа ќе се провери со негативни ПЦР тестови и негативни тестови на крвта четири недели по изложувањето, со посебен фокус на Т-клетките за да се утврди дали некое лице е заразено.
Истражувачите досега откриле 400 испитаници кои ги исполнуваат критериумите, но бараат повеќе.