Фудбал
ЗИМСКИ ТРАНСФЕР ПЕРИОД 2020

Интер конечно се засили, дојде Виктор Мозес

21. јануари 2020 - 14:36 | Ф.З.

Поранешното крило на Челси веќе мина дел медицинските прегледи во Милано по што ќе стави и потпис на договорот со „Нераѕурите“.

Дваесет и деветгодишниот нигериски репрезентативец вчера вечер со приватен авион слета на „Малпенса“ аеродромот крај Милано, а утринава успешно ги мина прелимнинарните лекарски прегледи. Останува уште тестовите за физичка подготвеност во базата Апијано Џентиле.

Мосез доаѓа на инсистирање на тренерот Антонио Конте кој очајно бара засилување на офанзивата со оглед на тоа што Матео Политано не му е по мерак.

Нигериецот до крајот на сезонава ќе игра како позајмен играч, но Интер ќе има право да го откупи за 10 милиони евра доколку задоволи.

Мозес од 2012 е играч на Челси, но ова е веќе петта сезона како оди на позајмици. Беше во Ливерпул. Стоук, Вест Хем, а од лани до сега настапуваше за Фенербахче.

За репрезентацијата на Нигерија одигра 28 натпревари на кои постигна 12 голови, а беше дел од Мундијалите во 2014 и 2018. Играше и на Африканскиот куп на нации во 2013 кога Нигерија стана шампион.

Иначе, Антонио Конте многу добро е запознат со квалитетите на Мозес бидејќи му беше тренер во Челси кога клубот последен пат ја освои Премиер лигата во сезоната 2016/17.

Коментирај