Свет

Иран ја предупреди Северна Кореја да не склучува договори со Трамп

22. април 2018 - 11:38 | МИА

Њујорк, 22 април 2018 (МИА) - Стремежот на САД да го промени нуклеарниот договор со Иран испраќа многу опасна порака, а тоа е дека земјите не треба да преговараат со Вашингтон, предупреди иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф, во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува за средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, на која ќе се разговара за денуклеаризација.

Зариф на прес-конференција во Њујорк, каде ќе учествува на седница на Генералното собрание на ОН, истакна дека нема смисла францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел да се обидуваат да го смират Трамп.

Според него, пораката која Трамп му ја испраќа на светот е дека „не треба да се склучуваат договори со САД, бидејќи на крајот Вашингтон сепак се води според принципот ’она што е мое е само мое, а она што е твое подлежи на преговори’“.

Се очекува до 12 мај американскиот претседател да одлучи дали да ги обнови економските санкции против Техеран, кои беа укинати во 2015 година согласно постигнатиот нуклеарен договор меѓу Иран и шесте светски сили. Трамп изврши притисок врз европските сојузници на Вашингтон да работат на корегирање на договорот. Предвидено е оваа недела Меркел и Макрон да се сретнат со Трамп во Вашингтон.

Зариф неодамна изјави дека доколку Вашингтон се повлече од договорот, тогаш Иран разгледува различни варијанти, вклучувајќи обновување на нуклеарната дејност.

Коментирај