Поради зголемување на бројот на заразени со COVID-19, Владата донесе одлука, по препорака на Комисијата за заразни болести, да воведе нови рестриктивни мерки за движење со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.

Полицискиот час овој продолжен празничен викенд е воведен од 4 јуни во 21 часот до понеделник (8 јуни) до 5 часот наутро за Скопје (сите скопски општини), во Општина Куманово, Општина Липково, Општина Штип, Општина Тетово, како и во Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.
Во сите останати градови полицискиот час е предвиден од 16 часот и да трае до следниот ден до 5 часот наутро. Петок (5 јуни) беше прогласен за неработен ден за сите граѓани. Во периодот од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби.
Граѓаните имаа измешани реакции за ваквата одлука на Владата, особено поради фактот дека иако Скопје беше ставено под непрекинат 80-часовен полициски час, илјадници скопјани го напуштија градот и се упатија главно кон Маврово, Дојран, Охрид, Струга, но и други градови низ земјата каде има „полабав“ полициски час.
Македонската твитерсфера, или „Македонија во мало“, исто така имаше што да каже за ситуацијата. Реагираат за непочитување на мерките, за дивеење по улици, за тоа колку беше оправдана или промислена одлуката да се стави Скопје „под карантин“, а да се дозволи излез од градот.