Доделувањето на наградите на Американската академија за филмска уметност и наука ќе се одржи на 10 март 2024 година.
Крајниот рок за поднесување кандидатури за Оскарите е 18 ноември годинава, по што ќе следи прелиминарно гласање за потесниот круг. Официјалните номинации ќе бидат познати во јануари 2024 година, но шпекулациите за номинациите веќе одамна започнаа.
Многумина предвидуваат дека еден филм ќе го собори рекордот по број на номинации на Оскарите. Во моментов, рекордот за најмногу номинации го држат три филма – Titanic, La La Land и All About Eve - со по 14 номинации.
Предвидувањата сега велат дека нивниот рекорд би можел да биде соборен од Oppenheimer на Кристофер Нолан. За овој биографски трилер се верува дека би можел да достигне 15 номинации, што би го направило единствениот филм во историјата што го направил тоа.

Речиси сигурно е дека ќе добие номинации за најдобар филм, најдобар режисер, најдобар актер (Килијан Марфи) и најдобра споредна машка улога (Роберт Дауни Џуниор). Други категории кои беа спомнати како потенцијално да му донесат номинација се: најдобра сценографија, најдобра монтажа, најдобри визуелни ефекти, најдобар звук, најдобра монтажа на звук, најдобра оригинална музика и најдобра костимографија.
Многумина се согласуваат дека речиси целата чета споредни актери може да добие номинации. Емили Блант најмногу се споменува како најдобра споредна женска улога, додека неколку критичари ја гледаат и Флоренс Пју во трката за номинацијата. Сите се согласуваат дека Мет Дејмон заслужува номинација за најдобра споредна машка улога.
Сето ова е поткрепено со изјавата на еден од уредниците на Entertainment Weekly, Патрик Гомез. Тој размислуваше за потенцијалниот успех на Oppenheimer во подкастот The Awardist.
„Мислам дека ќе добие многу продукциски награди или барем номинации. Можете да пополните цела категорија споредни актери со актери од филмот, но моја претпоставка е дека барем еден или двајца ќе добијат номинација. Мислам дека Емили Блант има многу големи шанси за најдобра споредна женска улога“, рече Гомез.