Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц и словачкиот колега Мирослав Лајчак изјавија дека Турција очигледно не е заинтересирана за членство во ЕУ.
Курц, на заедничката прес-конференција по разговорите во Виена, изјави дека не ја гледа Турција како членка на ЕУ.
„Мислам дека ќе биде добро ако има повеќе чесност и јасност од ЕУ кон Турција за идната соработка”, изјави Курц по разговорите со неговиот словачки колега.
„Јас не ја гледам Турција како дел од Европската унија. Анкара, во однос на демократијата, човековите права и владеењето на правото продолжува да се развива надвор од Европа, а референдумот за воведувањето на претседателскиот систем е само уште еден чекор во оваа насока“, порача Курц.
Лајчак дополни дека сегашното турско раководство, исто така, не покажува повеќе интерес за преговорите со Брисел.