Македонски игран филм за деца „Стела“ е избран да биде единствениот долгометражен игран филм на 27. издание на најголемиот филмски фестивал во регионот, Сараевскиот филмски фестивал, во програмата Тин Арена.
Сараевскиот филмски фестивал е најголемиот во Југоисточна Европа и е еден од најголемите филмски фестивали во Европа. Основан е во Сараево во 1995 година за време на опсадата на Сараево, и секоја година ги носи едни од најголемите меѓународни и локални познати личности од светот на филмската индустрија.
Во реализацијата на овој прв македонски долгометражен филм за деца е вклучена меѓународна екипа која брои голем број на автори и филмски професионалци. Во филмот главен лик е младата шарпланинка Стела, за првпат на долгометражен филм е младиот Петар Маниќ, а во филмот играат и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и српската актерка Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит „Парада“. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Горѓи Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, монтажер е Данчо Стефков, а композитор Оливер Јосифовски од Љубојна.
[КАЈГАНА рецензија] „Стела“ е филм за детето во секој од нас
Долгометражниот игран филм „Стела“ е копродукција помеѓу македонската продукциска куќа „Дрим Фектори“ (Продуцент: Огнен Антов), српската продукција „Акција Продукција“ (Продуцент: Јована Караулиќ) и германската „Моуна“ (Продуцент: Никол Акерман). СТЕЛА беше препознаен како проект од исклучителна важност и доби финансиска подршка од Агенцијата за филм на Република С.Македонија, Филмскиот центар на Србија и Филмскиот фонд Баден Вунтерберг во Штутгарт, Германија, а горд спонзор на филмот е и Витаминка.
Стојан Вујичиќ е еден од водечките македонски режисери, чиј опус вклучува бројни кратки играни и документарни филмови и телевизиски проекти. Познат е по филмовите „Брат за еден ден“, „Допир“ и „Годините го чинат своето“, прикажувани и наградени на престижни филмски фестивали.
Дрим Фектори е продукциска куќа основана од Огнен Антов во 2007 година. Во своето филмско портфолио вклучува дела на светски познати режисери како и млади режисери чие време допрва доаѓа, а кои се прикажани на најголемите фестивали во светот. Најновиот упсех на Дрим Фектори е селекцијата на Најстариот филмски фестивал во Венеција со проектот “Вера сонува за морето”.
Филмот СТЕЛА е прва ЕКО или ЗЕЛЕНА продукција во Македонија, што значи дека првпат е снимен филм според сите еколошки стандарди. Водени од најновите светски еколошки стандарди продукцијата се труди да ја намали емисијата на штетни гасови, да го рециклира отпадот според стандарди од Американската асоцијација на филмски продуценти итн.