Фудбал
СЕРИЈА А 2019/20

Милан го претстави Стефано Пиоли за нов тренер

9. октомври 2019 - 15:08 | Ф.З.

„Мора да работиме, да победуваме и да се бориме за Лигата на шампиони“, рече новиот стратег на „росонерите“ на официјалната презентација.

Ништо од Лучано Спалети, за кого наголемо се пишуваше дека ќе биде нов предводник на Милан. Се оствари најавеното дека репрезентативната пауза Милан ќе ја искористи за промена на клупата, утрово Марко Џампаоло доби отказ, а сега за негов наследник е назначен Стефано Пиоли.

Роден во Парма на 20 октомври 1965, Пиоли потпиша двегодишен договор со Милан. Претходно ги водеше Фиорентина, Интер, Лацио, Болоња, Палермо, Киево, Сасуоло, Пјаченца, Гросето, Парма, Модена и Салернитана.

Навивачите на Милан не се задоволни со изборот и уште синоќа откако стана јасно дека Пиоли, а не Спалети, ќе биде нов стратег, кренаа бунт на социјалните мрежи со хаштагот #PioliOut.

„Сигурен сум дека ќе завршам одлична работа бидејќи имаме добар тим со добри играчи. Сакам да направам тимот да игра фудбал каков што им се допаѓа на играчите, една позитивна и забавна игра за играчите да можат да го дадат максимумот. Фудбал со квалитет и интензитет“, се првите зборови на Пиоли како росонер.

Коментирај