Министерството за внатрешни работи проверува кој го направил лажниот профил на обвинителката Фатиме Фетаи, која е дел од тимот на Специјалното јавно обвинителство.
Министерството побарало социјалната мрежа Facebook да го укине профилот.
И Специјалното јавно обвинителство на официјалната Facebook страница вчера објави дека обвинителката нема свој профил на Facebook и дека сите профили и фан страници кои се појавија на социјалната мрежа се лажни.
„На социјалната мрежа Facebook се појавија страници за поддршка на јавни обвинители од ова Јавно обвинителство и лажни профили, кои не се креирани од наша страна и не се под наша контрола. Во оваа насока Ве информираме дека исклучиво ставовите изнесени преку оваа страна се наши официјални ставови и се оградуваме од сите други ставови изнесени на лажните профили и страниците за поддршка. Воедно Ве известуваме дека обвинителката Фатиме Фетаи нема свој профил“, соопштија од СЈО.
По прес-конференцијата во петокото што се одржа во Специјалното јавно обвинителство на социјалните мрежи се појавија фан страници за обвинителката Фатиме Фетаи.
Голем дел од јавноста беше воодушевена од настапот на обвинителката која соопшти дека ова обвинителство побарало притвор за осум лица меѓу кои и високи функционери на власта.