Тракторот важи за возило со повеќе намени, но брзината на движење никогаш не била важна кога ќе се спомне ова возило, па со тоа и не била еден од неговите најсилни адути. Потоа се појави Fastrac Two.
Пред околу една година, JCB со помош на Williams Advanced Engineering составија трактор со кој тргнаа во соборување на светскиот рекорд во брзина.
Тракторот тогаш возеше со брзина од околу 166 км/ч и се запиша како најбрз на светот.
Сега се врати на „поправен“.
„Ѕверот“ тежок пет тони го придвижува 7,2-литарски дизел мотор што постигна брзина од 217,57 км/ч, доволно за да го сруши светскиот Гинисов рекорд.
Инаку, максималната забележана брзина изнесува неверојатни 247,47 км/ч!
Fastrac Two најверојатно ќе го држи рекордот со години, со оглед на тоа дека нема многу голема конкуренција во овој сегмент.
Секогаш постои опцијата за ново самонадминување, односно на Гај Мартин, иницијаторот на проектот познат по освојувањето „чудни“ рекорди, да му падне на памет да ја крене горната линија на 300 км/ч.
Пред да го погледнете видеото, имајте на ум дека овој трактор, иако има моќност од 1.000 коњски сили и максимален вртежен момент од 2.500 Nm, не прави нешто друго освен што лета по рамна патека, па заборавате на идејата дека може за рекордно брзо време да изора нива.