Со потпис на спикерот Талат Џафери, Собранието на Република Северна Македонија склучи договор за набавка на сто преносни компјутери.
Се работи за моделот HP EliteBook 735 G6 Notebook PC, а според набавката, еден лаптоп чини 56.445 денари или 917 евра, без вклучен ДДВ, објави новинарката Славица Филиповска за сајтот 360stepeni.mk.
Договорот е склучен со ИТ-компанијата „Неоком“, која е должна во рок од 60 дена да ги испорача лаптопите, кои треба веднаш да бидат приспособени за работа и на секој од нив на десктопот да има документ со упатство за користење.
Стоте компјутери Собранието ги добива во период на корона-криза, кога власта и опозицијата се натегаат околу тоа дали парламентот треба да работи онлајн, откако тројца пратеници есенва беа позитивни на COVID-19, потсетуваат од 360stepeni.mk.
За повеќе детали ве упатуваме на оригналната објава на 360stepeni.mk.