Нашиот најдобар фудбалер е подготвен за игра откако не настапи на дуелот во Виена поради болест. Посакува со победа Македонија да ги затвори квалификациите.
Горан Пандев не можеше да им помогне на соиграчите против Австрија во Виена откако на ден пред натпреварот се разболе со покачена температура. Сега е добар и е подготвен за настап утре вечер против Израел.
„Ова е последниот наш натпревар во овие квалификации и сакаме со победа да ги завршиме истите и да се пласираме таму каде што никогаш досега не сме биле. Сакаме да бидеме трети“, рече Пандев на денешната прес-конференција.
Пандев му има дадено еден гол на Израел и тоа во победата токму со неговиот гол пред две години во Хаифа во квалификациите за пласман на Мундијалот во Русија.
„Игравме во овие квалификации во една неатрактивна, но тешка група и само против Австрија потфрливме, додека на останатите натпревари одигравме добро. Можеби можевме да освоиме и повеќе бодови, но решаваа нијанси“, смета македонскиот капитен.
Кога веќе не успеавме да се квалификуваме на ЕУРО, желбата на Горан е Македонија да ги заврши квалификациите на 3-тото место бидејќи никогаш не сме биле трети, секогаш 4-ти или дури 5-ти.
„Не успеавме да стигнеме до тоа второ место за директен пласман на ЕУРО 2020, па сега третото место би било добар резултат за нас во овие квалификации. Подготвен сум за дуелот со Израел, а дали ќе настапам зависи од селекторот“, изјави капитенот Горан Пандев.
Македонија и Израел копјата ќе ги вкрстат утре од 20.45 часот на Националната Арена „Тоше Проески“ во Скопје. Картите се веќе во продажба и можат да се набават за 150 денари.