Бразилската легенда го откри својот избор кога се работи за најдобар играч на денешницата. Но, на сите времиња? Само еден е најдобриот.
Кој е најдобриот фудбалер на сите времиња? Меаца? Пушкаш? Гаринча? Пеле? Марадона? Платини? Зидан? Тешко прашање со уште потежок одговор.
Да се споредуваат играчи од различни епохи е како да се движите помеѓу паралелни светови. Подобро е да се направи поделба. Токму затоа, еден од најдобрите на сите времења, големиот Пеле, претпочита да направи избор на тоа кој е најдобар во денешно време.
„Многу е изедначено, но ми се чини дека денеска Кристијано Роналдо е најстабилен, најконстантен и барем десет години наназад е на истото ниво“, вели Пеле.
Статистиката на Португалецот е импресивна, но мора да се напомене дека и самиот фудбал е драстично променет од 60-тите кога жареше и палеше Пеле. Токму поради тоа Пеле го одбра Ронално за најдобар во денешно време, но доколку мора да одбере на сите времиња, тој нема дилеми.
„Морам да ја кажам вистината: моите родители ја затворија фабриката, нема да има повеќе никој кај Пеле“, интригантно вели бразилската легенда.
Едсон Аранчис ду Насименту, денеска има 79 години, а трипати на Бразил му ја носеше титулата светски шампион (1958, 1962 и 1970) во четирите Мундијали на кои играше. За разлика од него, Роналдо настапи на исто толку Мундијали, но најдалеку што стигна е четвртото место во 2006.
Затоа, пак, Роналдо има континентална титула од ЕУРО 2016, додека Пеле никогаш не ја освои Копа Америка, настапи само еднаш, во 1959 кога беше втор зад Аргентина.