Компанијата за чистење и одржување RCH Professional сподели неколку трикови со чија помош полесно ќе ја одржувате чистотата и сјајот на вашите дрвени површини.

Ако сакате вашите ламинати и паркети да блескаат како на рекламите, пробајте некои од овие методи кои содржат природни состојки.
Најдоброто време за чистење на дрвените површини во вашиот дом зависи од вас. Можете на неделно ниво да ја отстранувате прашината и нечистотијата што се појавувале, а месечното полирање со природни масла ќе помогне вашиот мебел да изгледа одлично за цел живот.
Мешавина од топла вода и оцет е фантастична за чистење на бањи и кујни. Исто така, прави чуда за дрвото, вклучувајќи ги и дрвените подови. Водата ја олабавува нечистотијата, додека оцетот може да ги убие бактериите.
Користете бел или јаболков оцет. Потребно е соодносот на вода и оцет да биде 2:1. Крпата натопете ја во мешавина од вода и оцет и поминете ја преку дрвените површини.
Кај овој трик, детергентот за миење садови треба да биде проѕирен за да не остави траги. Со мешање на вода со детергент за садови и вашето омилено есенцијално масло, можете да создадете природен, домашен раствор за чистење со мирис што го сакате.
На половина литар вода потребно е да додадете една лажичка детергент и неколку капки есенцијално масло. Најдобро би било при чистењето да користите крпа од микрофибер, а смесата да ја ставите во шише со распрскувач.
За темно обоено дрво, користете мешавина од јаболков оцет, маслиново масло и есенцијални масла за свеж мирис. Ќе ви требаат два децилитра јаболков оцет, еден децилитар маслиново масло, една лажица растителен глицерин, една лажица лимон и 20 капки есенцијално масло. Сокот од лимон делува како средство за дезинфекција, а оцетот ја отстранува маснотијата. Маслиновото масло го навлажнува дрвото и некое време го штити од честички од прашина.