Градинките и COVID-19

Протоколи за градинка од жанрот Sci-Fi

Пред неколку дена, Владата го објави протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца по укинување на вонредната состојба, како надоврзување на тековниот скрининг за COVID-19 кој се спроведува на околу 2.000 вработени во овие установи. И покрај тоа што овој скрининг е практично бескорисен ако се спроведе само врз вработените (но, не и врз децата – кои нели, епидемиолозите ги сметаат за „супер-преносители“ на коронавирусот), можноста за зараза би се намалила доколку сите ги почитуваат строгите протоколи. Во теорија да, во пракса – тешко.


Зошто? Затоа што сметам дека можеби маааалку се вон допир со реалноста и фактичката состојба во градинките. Затоа што никој не го зема во предвид фактот дека и помеѓу родителите има такви, кои и пред пандемијата ги носеа децата во градинка болни, откако ќе им ги замаскираат симптомите со парацетамол. Или, затоа што можеби никој од создавачите на овие протоколи не стапнал во градинка, ниту пак за добар дел од точките се консултирал со вработените во установите дали има услови да се реализираат. Токму затоа, одлучив да направам мала анализа базирана на личното видување на протоколите и на информациите добиени од вработени во градинките.

Да почнам со ред:

  • Да се дезинфицираат прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите на секои два часа во текот на денот.
  • Да се бришат повеќе пати во текот на денот подовите во објектот, а теписоните каде што постои можност да се отстранат.

☝️ Ако се земе предвид дека во некои објекти има само по 1 хигиеничар во смена, кој и онака вложува натчовечки напори во својата смена да ги исчисти сите занимални и тоалети (кои во просек ги има околу 9 во една градинка), сите ходници, канцеларии и сали, тешко ми е да поверувам дека согласно овие протоколи ќе успее да ги дезинфицира и СИТЕ прекинувачи, кваки, мијалници, маси и столчиња и тоа на секои 2 часа во текот на денот, како и да ги избрише повеќе пати во текот на денот сите подови во објектот.

И, каде ќе одат децата додека се дезинфицира? Или ризикот од вдишување на дезинфициенси е помало „зло“ од потенцијалниот ризик од разболување?

Понатаму:

  • Воспитните групи за деца до 2 годишна возраст да имат максимум по 6 деца и двaјца вработени во смена.
  • Воспитните групи за деца од 3 до 10 годишна возраст да имат максимум по 15 деца и двaјца вработени во смена.

☝️ Дали ова значи дека ќе се зголеми повеќекратно и бројот на вработени во градинките? Затоа што пред пандемијата, најчесто за групи од 25-30 деца се грижеа по дваца вработени (воспитувач и неговател). И тоа во најоптимистичките сценарија, кога не се сите деца присутни и кога едниот од вработените не користи боледување.

Доколку сепак има зголемување на кадарот, во кои простории ќе се сместат сите оние „вишок деца“ кои ќе се расчленат од групите кои по овие протоколи би требало да бидат сочинети само од 6 деца (до 2 години) и по 15 деца (над 2 години)? Монтажни шатори можеби?

Станува поинтересно:

  • Активностите во дворот да се реализираат така што ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи на деца во исто време.
  • Да се обезбеди растојание од 1,5 - 2м меѓу масите за седење на децата.
  • Да се организира престојот на децата на таков начин што ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи на деца (сместени во одделни простории) во согласност со можностите, игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено во мали групи.
  • Пасивен одмор - организирајте го спиењето така што децата да бидат поставени на креветите според принципот „нозе - глава“ со препорачано растојание од 1,5 - 2м.
  • Обезбедете единечни кревети и постелнина за секое дете, и истите да бидат обележени со име на детето, строго водете грижа да не се мешаат.
  • Да се обезбеди креветче и по две постелнини за секое дете.
  • При јадење не дозволувајте децата да споделуваат храна едни со други.

☝️ Со среќа со ова! Според информациите од син ми, кој еден период ми кажуваше дека во неговата група омилена „игра“ им било да си плукаат во уста, некако е тешко за верување дека постои таква сила во универзумот која ќе успее да раздвои 3, 4 или 5-годишни деца од близок контакт. Или да го спречи да му подаде на другото дете лепче. Освен ако не се ангажира дополнителен персонал кој постојано физички ќе ги раздвојува децата. Но, затоа што би имал постојан контакт со нив, најверојатно би морал да биде облечен во хазмат одело, кое може да ги исплаши децата. Или не дај боже да потече по некоја солза (кое ќе објасниме подолу зошто е толку опасно).

Растојанието од 2 метра помеѓу масите за седење е исто така невозможно, освен ако појадокот не се реализира за некои групи во двор, додека останатите појадуваат во салата во градинката. Со среќа и со спиењето според принцип „нозе-глава“, за чија реализација прво треба да имате соодветен простор и доволен број на креветчиња, па да ги убедите да легнат, па да им објасните повеќе пати зошто лежат на начин на кој си ги мирисаат нозете... А дека секое дете ќе спие секогаш во своето креветче и ќе има по две постелнини – „мало сутра“.
 

  • Се препорачува да се избегнуваат игри и активности во кои има контакти, игри со топки како и размена на лични предмети играчки и слично.

☝️ Искрено се надевам дека нема да дремат на таблети и телефони по цел ден, затоа што, ни најдобриот перформанс на Петко или Биби нема да успее да ги задржи на столче повеќе од 10 минути. Ама па, што ако баш во тие 10 минути помине чистачката за да го пребрише подот и столчињата на кои седат?

  • Практикување на често миење на рацете и посебно внимание да се посвети на потребата од засилени хигиенски мерки во случај на миење, хранење, држење во рацете на децата.
  • Воведете задолжително миење на рацете на деца при прием и почестo миење во тек на денот, а задолжително после кивање, кашлање, плачење, пред и после консумирање храна и одење во тоалет.
  • Воведете задолжителен надзор на децата при миење на рацете.
  • Спроведувајте засилени воспитни активности со деца, со цел да се олесни разбирањето и усвојувањето на новите правила за заштита од вирусите и стварајте навики кај децата за лична хигиена за важноста на често и правилно миење на рацете (минимум 20 секунди - на пр. со песна), кашлање и кивање во подлактицата за просторна дистанца за која треба да се размислува преку игра на деца - ставете ги да седат на растојание едни од други - на пр. да вежбаат да ги истегнуваат рацете и да ги мавтаат со крилјата за да не допрат, да избегнуваат да го допираат лицето и др.

☝️ Уствари, ми станува малку појасно со што ќе се занимаваат.
Кивна? Миј раце. Се најаде? Миј раце, ти се молам. Засушено мрсулче во нос? Миј раце!
„Марко, пак ли плачеш бе да му се сневиди?“ МИЈ РАЦЕ!

Кога ќе размислам, на толку пролеани солзи, за една градинка успешно да го почитува протоколот и да постигне да им ги измие рацете на сите деца што плачат во текот на денот, ќе треба да вработи минимум 10 нови негователки. Во смена. Кои ќе вршат задолжителен надзор на децата додека тие ги мијат рачињата минимум 20 секунди. Со песна.

  • Во случај на промена во здравствената состојба (зголемена температура) изолирајте го детето во просторијата за изолација, веднаш известете го родителот/старателот, доколку детето има температура се препорачува мерењето на температурата да биде со безконтактен термометар, доколку температурата на телото се мери со обичен термометар, потребна е дезинфекција на термометар како и миење или дезинфекција на рацете.
  • Проверете го здравјето на другите деца во групата и изолирајте ги сите сомнителни случаи.

☝️ Се согласувам дека секое дете со симптоми треба да се изолира во одделна просторија. Но, би сакал да прочитам некакво појаснување дали доколку 3 деца имаат симптоми, тие ќе бидат изолирани во истата или во посебни простории? Доколку се во иста, нели е малку погрешно да се мешаат деца кои можеби имаат коронавирус со деца кои имаат благо покачена температура поради растење на ново запче? Дали, на пример, во истата просторија ќе бидат тројца 5-6 годишници заедно со едно двегодишно дете? Доколку се изолираат во различни простории, имаат ли градинките доволен број на простории за оваа намена?

Без разлика на тоа дали ќе се групираат или изолираат поединечно, кој ќе седи заедно со потенцијално болните деца во таа просторија? Хигиеничарот? Негователката? Доброволец во хазмат одело? Ќе седи ли воопшто некој со нив?

Пропуштив нешто битно кое вреди да се спомене од останатите протоколи? Пишете го вашето мислење во коментар.

 

 

* Содржината, ставовите и мислењата искажани во рубриката Теми и коментари припаѓаат на авторот на колумната и не претставуваат став на уредништвото на порталот Kajgana.com.

реклама

Полната Месечина почнува денес: Што ќе му донесе на секој хороскопски знак?

Read more

Шенон Доерти: Ќе снимам видео за да се збогувам со најблиските

Read more

Пред и потоа: Неверојатни фотографии од луѓе кои оздравеле од COVID-19

Read more

Времеплов: Каде е, што прави најубавата собирачка на топчиња?

Read more

Теми и коментари

Како научив да кажам „НЕ“ и тоа ми го смени животот?

Read more

Феминизмот во Македонија: До каде сме со родовата рамноправност?

Read more

ФФМ се премисли: Саса го доби пехарот за 1.ЖМФЛ, на ред е Вардар

Read more

Мода во време на пандемија: Промените веќе се случуваат, македонската модна сцена е подготвена

Read more

Ново

Ердоган: Светските сили не треба да се мешаат во конфликтот во Нагорно-Карабах

Читај повеќе

Евра обвини за расизам во француската федерација

Читај повеќе

Побаран притвор за 55-годишен скопјанец поради силување

Читај повеќе

УЕФА дозволи навивачите да се вратат на трибините

Читај повеќе
  • play_arrow

Топ 10 средновековни места за посета во Европа

Читај повеќе

Кралица на есента: Зошто треба да јадете тиква?

Читај повеќе
  • filter

1 октомври 331 п.н.е., Александар го победил Дариј кај Гавгамела

Читај повеќе

Дневен преглед на состојбата со COVID-19 во Европа

Читај повеќе

Левандовски ја освои наградата за Играч на годината

Читај повеќе