Лионел Меси ја прекина чудесната серија во која ги тресеше противничките мрежи на седум последователни натпревари за Интер Мајами.

Во првите седум натпревари за Интер, Меси постигна вкупно 10 голови, а на секој натпревар барем еднаш го наоѓаше патот до мрежата. Но, таа серија заврши во полуфиналето на УС опен купот против Синсинати.
Интер го елиминираше Синсинати по изведувањето пенали, а натпреварот заврши 3:3. По 90 минути игра резултатот на семафорот гласеше 2:2, а во дополнителните 30 минути двете екипи постигнаа по еден гол.
Иако не беше стрелец, Меси запиша две асистенции, од кои особено важна беше онаа во 7. минута од судиското надополнување кога со филигранска прецизност асистираше до Еквадорецот Леонардо Кампана, кој погоди за 2:2 и го одведе натпреварот во продолженија.
При изведувањето на пеналите, Меси прв шутираше за Интер Мајами и погоди, но головите постигнати во пенал-рулет не влегуваат во официјалната статистика, па така неговата чудесна серија се прекина.
Интер Мајами ќе игра против Хјустон Дајнамо во финалето на УС опен купот на 27 септември од 22 часот по македонско време, кога Меси ќе има можност да го освои вториот трофеј во дресот на клубот од Флорида. Хјустон по продолженија стигна до финалето, а го елиминираше Риал Солт Лејк со 3:1 (1:1 по 90 минути).
Ова беше прв натпревар за Меси во УС опен купот со оглед на тоа што натпреварувањето беше на пауза. Интер Мајами четвртфиналниот натпревар го одигра на почетокот од јуни, кога Меси не беше дел од клубот, а тогаш го победи Бирмингем со 1:0.