
Шефот на руските платеници Евгениј Пригожин, во писмо објавено во понеделникот, му пишал на министерот за одбрана Сергеј Шојгу дека украинската војска планира офанзива со цел отсекување на силите на Вагнер од руските трупи во источна Украина.
Во писмото кое го објавила неговата служба за медиуми, Пригожин напишал дека „нападот ќе биде од големи размери и е планиран за крајот на март или почетокот на април”.
„Барам од вас да ги преземете сите потребни мерки за да спречите групата Вагнер да биде отсечена од главните сили на руската војска, што ќе доведе до негативни последици за специјалната воена операција”, напишал Пригожин.
Ова е прв пат Пригожин да објави ваква преписка со министерот за одбрана, кого често го критикуваше како ја води војната. Необичниот потег има две можни цели: да ги прелаже украинските команданти или да ја префрли вината на Шојгу, а не на Пригожин, доколку наводниот украински напад се покаже како успешен.
Пригожин напишал дека дава детали од украинскиот план и личен предлог како да им се спротистават во прилог на писмото, кој не е објавен. Не кажува како знае за украинскиот план.
Додава дека силите на Вагнер моментално контролираат околу 70% од украинскиот град Бахмут, кој се обидуваат да го заземат од минатото лето во најдолгата и најкрвавата битка oд почетокот на војната.