Јавното обвинителство во Прилеп врши предистражни дејствија откако добило информација од МВР дека е пријавен случај на сексуална злоупотреба на немоќно лице.

Најнов случај во бранот насилство врз девојчиња и жени, е пријавата на средношколка во СОУ „Орде Чопела” во Прилеп, која пријавила во училиштето дека маж, вработен како хигиеничар во училиштето, ја допирал по телото.
Прв медиум кој ја објави веста беше телевизија „Клан“, чиј новинар Фуркан Салиу алармираше дека случајот не бил пријавен навреме, „а човекот осомничен за ова дело не е суспендиран“.
*Внимание! Содржина што може да ве вознемири!
Редакцијата на Kajgana.com ја контактираше јавната обвинителка во ОЈО Прилеп, Маријана Илиеска, која потврди дека се вршат предистражни дејствија за случајот за кој информација добиле од МВР, по пријава на директорот на СОУ „Орде Чопела”.
„По приемот на известувањето, јавниот обвинител издаде насоки до МВР за обезбедување на сите докази, кои вклучуваат и распит на лицата. Се вршат предистражни дејствија по сомнение за ‘обљуба врз немоќно лице’, во присуство на родителите и социјалните служби“, изјави Илиеска za Kajgana.com.
Таа додава дека девојката, 16-годишна ученичка во втора година во СОУ „Орде Чопела” продолжила да следи настава, додека уште не е познато дали осомничениот е суспендиран и дали оди на работа во училиштето.
Илиеска не можеше да потврди, ни да негира дали жртвата е лице со посебни потреби.
„Работиме на утврдување на фактите“, рече таа во изјавата за Kajgana.com.
Редакцијата на Kajgana.com се обиде телефонски да стапи во контакт со управата на СОУ „Орде Чопела”, но никој не одговара на наведениот службен број во рамки на работното време.