Извршниот директор на Tesla, Илон Маск, продаде акции во производителот на електрични автомобили вредни околу 5 милијарди долари (3,7 милијарди фунти).
Ваквиот потег следеше неколку дена откако тој ги праша своите 63 милиони следбеници на Twitter дали треба да продаде 10% од својот удел во Tesla.
Акциите на компанијата паднаа за околу 16% во два дена откако анкетата излезе во корист на тоа Маск да ги продаде акциите.
Tesla е највредниот производител на автомобили во светот, со берзанска вредност од повеќе од 1 илјада милијарди долари.
Трустот на Маск продаде речиси 3,6 милиони акции во Tesla, во вредност од околу 4 милијарди долари. Тој, исто така, продал уште 934.000 акции за околу 1,1 милијарда долари, откако ги искористил опциите за стекнување на речиси 2,2 милиони акции, според поднесоците до американскиот регулатор на берзата.
Документите покажаа дека продажбата на околу една петтина од акциите е направена врз основа на однапред договорен план за тргување, поставен во септември, долго пред објавите на Маск на социјалните мрежи викендов за продажба на некои од неговите акции.
Сепак, регулаторните поднесоци покажаа и дека продажбата на остатокот од акциите не била закажана.
Продажбата е еднаква на околу 3% од вкупниот удел на Маск во Tesla, иако не е потврдено дали продажбата е поврзана со неговата анкета на Twitter за време на викендот или дали тој има намера да ја запре натамошната продажба.
Much is made lately of unrealized gains being a means of tax avoidance, so I propose selling 10% of my Tesla stock.
— Elon Musk (@elonmusk) November 6, 2021
Do you support this?
Најбогатиот човек на светот претходно го критикуваше најавениот данок на милијардерите од страна на демократите, пишувајќи на Twitter: „На крајот им снемува од парите на другите, а потоа доаѓаат по вас“.
Тој се наврати на темата во саботата и напиша дека „во последно време многу се зборува за нереализираните профити како алатка за даночно затајување“.
„Предлагам продажба на 10 отсто од моите акции во Tesla“, додаде тој.
„Ќе се придржувам до резултатите од оваа анкета, во која насока и да отиде.“
Анкетата привлече повеќе од 3,5 милиони гласови, а речиси 58% гласаа за продажба на акциите.
Маск исто така истакна дека Tesla не го плаќа во готово: „Имам само акции, така што единствениот начин за мене лично да платам даноци е да продавам акции“.
Маск е неофицијално најбогатиот човек во светот, со лично богатство кое се проценува на повеќе од 280 милијарди долари.