УЕФА го одби предлогот на Милан околу доброволен договор за финансиски фер-плеј, пренесуваат италијанските медиуми.
Според тие информации, УЕФА подготвува казна за Милан, иако клубот излегол со план во кој ја покажува економската стабилност во наредните години.
УЕФА конечната одлука би требало да ја соопшти утре, но италијанските медиуми од доверливи извори стигнале до информации дека европската куќа на фудбалот ја одбила спогодбата, па така Милан се соочува најмалку со парична казна или ограничување за трансфери, а во најлош можен случај на клубот му се заканува и исфрлување од Европа.
Милан на официјалниот клупски сајт објави дека е подготвен за договор во случај УЕФА да го одбие предлогот.
„Милан секогаш максимално ја почитувал УЕФА и секогаш јасно ставаше до знаење дека е подготвен од друга перспектива да ја согледа ситуацијата, што е случај и со овој предлог“, стои во соопштението на италијанскиот гигант.
Претседателот на УЕФА Александер Чеферин во ноември изјави дека е загрижен поради предлогот на Милан околу доброволен договор за финансиски фер-плеј.