Комисијата за заразни болести препорача укинување на сертификатите задолжителни за влез во моловите, односно онаму каде што не е задолжително носење маски.
– Донесовме еден заклучок, а тоа е да се препорача укинување на сертификатите задолжителни за присуство на моловите, односно каде не е задолжително носење маски. Ова е еден чекор во насока на олеснување на рестрикциите, но секако за следнитот развој ќе бидеме многу внимателни, бидејќи не сакаме со нагло отфрлање на сите мерки да постигнеме неочекувани резултати, рече денеска на прес-конференцијата по состанокот, претседателот на Комисијата Александар Петличковски.
Од Комисијата за заразни болести посочија и дека од денеска почнува кампања за закажување термини за сите оние кои имаат нецелосна вакцинација, односно тие што немаат примено бустер доза, а спаѓаат во ризичните групи.
Тој нагласи дека во ризичните групи се граѓани на возраст над 65 години и имаат коморбидитети и тие кои се помлади од 65 години и имаат поголем број коморбидитети.
– Кај овие граѓани ќе стигне СМС порака која ќе ги извести за тоа дека треба во точно одреден термин да го посетат точно одредениот пункт за вакцинација каде ќе можат да бидат вакцинирани. Многу важно за функционирањето на овој процес е соработката меѓу јавниот и приватниот дел од здравствениот систем. Матичните лекари ќе бидат клучен дел од процесот и ќе бидат тие кои ќе ги потсетуваат своите пациенти дека треба да се јават на соодветниот термин. Здравствените домови ќе бидат местата каде ќе се вакцинираат граѓаните. Во насока на тоа да имаме поефикасна вакцинација на овие ризични групи, соработката меѓу овие два дела од системот ќе биде исклучително важна, рече Мехмедовиќ.
Посочи и дека очекуваат да има навистина добар одговор меѓу граѓаните затоа што со вакво потенцирање на вакцинацијата особено во ризичните групи после овој бран на омикрон кој е во фаза на одминување, може да се каже дека тоа биле ризичните групи кои биле на најсериозен удар од оваа варијанта и дека со вакцинацијата ќе се успее да се спречат понатаму компликациите кои се јавуваат кај оваа група граѓани.
– Според пресметките кои ги добивме од Мој Термин, 260.000 граѓани спаѓаат во таа високо ризична група, рече д-р Мехмедовиќ и посочи дека од нив, 130.000 или примиле една доза или непримиле ниту една, а останатиот дел односно другата половина нема примено бустер доза. – Тоа е нешто на кое треба да се фокусираме за да може да го подигнеме квалитетот на имунитетот на популацијата и да биде основа за натамошно релаксирање на мерките, додаде Мехмедовиќ.